Еколошката такса за горивата „заглави“ во Собрание, бројот на дизел возила зголемен за 160.000 за 8 години [инфографик]

Иако беше ветувана дека ќе стартува од 1 јули, еколошката такса за горивата не профункционира до денешен ден, а нема најава дека дополнителното поскапување на горивата ќе се случи во наредниот период. Планирано беше еколошката такса да се воведе за нафтата, бензините и сите останати нафтени деривати. Ова би ги стимулирало граѓаните да вградат плински уреди во возилата, како и да се насочат кон користење на електрични возила, јавен превоз или велосипеди и тротинети, со цел да се намали загадувањето на воздухот и емисијата на стакленички гасови, објави Мета.

Од Владата за „Мета.мк“ велат дека еколошката такса за нафтени деривати е обработена во предлог-законот за животна средина, но тој сѐ уште се наоѓа во собраниска процедура. Од извршната власт додаваат дека примената на одредбите од овој закон може да започне по изгласувањето во Собранието и неговото стапување во сила.

Сепак, помеѓу пратениците на власта и опозицијата во парламентарниот дом не постои консензус околу воведувањето на еколошката такса, за што од опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште летово жестоко се спротивставија на овие законски измени и рекоа дека ќе го блокираат неговото донесување. Во меѓувреме, и цената на нафтените деривати во земјава продолжи да расте како резултат на зголемувањето на нејзината вредност на светските берзи, додека од Институтот за економски истражувања Фајнанс Тинк советуваа дека нејзиното воведување може да има еднократен краткорочен ефект врз инфлацијата, и како таква, еколошката такса треба постепено да се воведува во наредниот период.

Од друга страна, најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека мерки од страни на властите ќе мора да се преземат, бидејќи користењето на нафтата во транспортот во континуитет расте во земјава. Статистичките податоци од 2012 година велат дека во земјава имало 118.109 возила кои се движат на нафта. Наспроти ова, во 2020 година бројот на превозни средства кои ја користат нафтата, односно дизелот, е зголемен на 278.096 возила. Ова значи дека за само осум години бројот на моторни превозни средства кои ја користат нафтата пораснал за речиси 160.000.

Целиот текст може да го прочитате ТУКА.