Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) оцени дека балканскиот рис заслужува итна заштита бидејќи на овој подвид на евроазискиот рис му се заканува целосно исчезнување.
„Увидовме дека тој статус е критично загрозен. Достигнувањето да се признае и публикува еден вид во една ваква листа е од огромно значење и за поздравување. На овој начин се дава голема видливост и публицитет на балканскиот рис. Со самото тоа што е на листата овој подвид е всушност „политички“ признат и препознаен како загрозен и сите негови понатамошни закани треба да се сузбијат“, изјави на денешната прес конференција Диме Меловски, раководител на проект во Македонското еколошко друштво (МЕД).
Тој додаде дека последната деценија, со Програмата за зачувување на балканскиот рис се собрани адекватни податоци за да може да го проценат статусот на рисот според стандардите на IUCN. Балканскиот рис, како посебен подвид на евроазискиот рис, според критериумите на Меѓународната унија за заштита на природата е критично загрозен со проценети 19 до 36 возрасни единки.
„Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ се спроведува од неколку невладини организации, научници и волонтери од регионот, Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, како и од Германија, Швајцарија и Норвешка. Благодарение на проектот, во Албанија и во Косово се прогласени нови национални паркови кои во голема мерка ќе помогнат во зачувување на дивиот свет.