Британскиот весник „Економист“ го прогласи Уругвај за држава на годината поради реформите од кои „корист може да има целиот свет“.
Уругвај годинава ја легализираше марихуаната како и хомосексуалните бракови, а „Економист“ оценува дека таквата политика „го зголемила глобалниот извоз на среќа без никаков финансиски трошок“.
„Економист“ за прв пат избира држава на годината.
„Сметаме дека достигнувањата кои најмногу заслужуваат пофалба се реформите кои поплочуваат нови патишта и кои не унапредуваат само една нација туку ако се следат можат да му користат на целиот свет“, соопшти редакцијата на „Економист“.
Економист наведува и дека претседателот на Уругвај, Хосе Мухика е скромен и невообичаено искрен за еден политичар.
„Претседателот живее во скромна куќа, сам го вози Волксвагенот (Буба) на работа, а со авион патува со економска класа. Затоа скромниот, храбриот, либералниот и весел Уругвај е наша држава на годината“, посочува „Економист“.