Во амфитеатарот во градскиот парк во Струмица на 25 јуни за прв пат ќе се одржи „Ексцес“- фестивал на авторска музика.
Организаторот деновиве напоредно ги објавува имињата што ќе настапуваат, а меѓу нив ќе бидат и „Хајка“, „ДаДа“ и „Авет“.
„Хајка“ е млад бенд од Скопје формиран во 2019 година. Влечејќи инспирација од бит-генерацијата на писатели и постмодерната уметност, бендот жанровски е на линијата помеѓу прото-панк па се до no wave. Со возбудлив сценски настап и многу енергија досега имаат низа свирки, издадено едно ЕП, еден албум и нов сингл „Мека Машина” кој отвара една нова музичка насока за бендот.
„ДаДа“ е концептуално музичко патување базирано на доверба, братство и експресивност. Се работи за дуо, проект на кумановчаните Дарио Циевски и Дарко Медарски, кои себиси се опишуваат како „двајца другари во нивниот природен хабитат, кои се истражуваат себеси и јазикот кој пробуваат да го зборат“. Дарко и Дарио се другари од мали нозе, а заедно членуваат и во бендот „Man in a Suit“. Музиката која ја изведува ова дуо е целосно импровизирана.
„’Авет’ својот порив за творење, спознавање и истражување го изразува преку авторската музика, обидувајќи се да ги пренесе одзвуците и ехото на душевните треперења” – така Саше Урдовски кој е spiritus movens на овој проект го опишува истиот.
Според организаторот, иако крајно ненаметлив, овој проект наиде на многу позитивни критики од страна на музичките сладокусци, најпрвин со темата „Пламени Јазичиња“, а подоцна и со „Човеку“, која се најде на албумот „Рандом Дестинација“ на „Дактили“. На „Ексцес Фестивал“ присутните ќе имаат прилика да ги слушнат душевните треперења на Авет во соло аранжман. Ќе има и премиерното изведување на досега необјавени дела од опусот на Авет.