Децата над 5 години, утре од 12 часот во Музејот на современата уметност во Скопје ќе можат да експериментираат со глина во креативната работилница која ја организира едукативно-креативниот центар „Ветерница“.
„Експериментите даваат одлични резултати и децата веќе почнуваат да го чувствуваат просторот на музејот како близок другар кој ја чува нивната имагинација. Создавањето во група е предизвик и за нас и за децата, а воодушевува фактот колку брзо го впиваат убавото, за потоа со огромна желба да се нурнат во експериментите во кои творат самите и со кои сакаме да покажеме дека уметностите се преплетуваат и може да се преточат една во друга“, порачуваат од колективот „Ветерница“.
Целта на заедничкиот проект на „Ветерница“ и Одделот за едукација на Музејот на современата уметност е уметноста да им се доближи на младите од најрана возраст.
Цената за работилницата изнесува 300 денари со вклучена ужинка и материјали за работа, а пријавувањето е со директна порака на фејсбук страната на „Ветерница“, на мејл адресата – veternicainfo@gmail.com или на телефон – 078 231 030.