Предизвиците за менталното здравје на младите луѓе од земјите на Западен Балкан се бројни, тема што се’ повеќе привлекува внимание, а во Тирана на едно место собра повеќе експерти од земји од регионот како Србија, Албанија, Македонија, Словенија и Црна Гора.
На настанот насловен Лабораторија за младински политики за ментално здравје, говорниците зборуваа за важноста и потребата од негување на менталното здравје, но и за подобрување на политиките во земјите во регионот.
Специјалистката за развој на млади и адолесценти од УНИЦЕФ Србија, Станислава Вучковиќ рече дека иако менталното здравје изгледа како едноставна тема и термин, низ пракса е многу покомплицирана. Менталното здравје на младите луѓе, како што посочи, е можноста да се функционира во секојдневниот живот, да се постигнат сите важни задачи во образованието, интимните врски и да се расте со дополнително чувство на независност.
„Кога се работи за пандемијата, недостатокот на услуги што ги доживуваат младите во целиот свет значеше недостаток на стабилност што е многу важно за секое дете и млад човек. Независно дали се работи за недостаток на односи меѓу врсниците и недостатокот на рутински работи, како и вршење на обврските. И ова е причината зошто се зголемуваа емоциите и стравовите“, рече Вучковиќ.
Нејзината организација спровела три „бранови“ на истражувања за време на пандемијата. Во сите три откриле дека адолесцентите од 13 до 17 години имале проблеми со менталното здравје, а најпогодени биле оние кои живееле во големи урбани центри и од семејствата со пониски финансиски примања. Оттука, Вучковиќ рече дека токму до нив треба да се стигне.
Според младинската активистка и психолог Николина Радовиќ, некои од најголемите проблеми во Црна Гора се недоволната свест и немањето доволно информации, но и стигмата од општеството. Ова според неа го покажуваат податоците од работилниците за млади од 15 до 30 години кои биле спроведени изминатата година.
Таа објасни дека главната цел била да ги запознаат младите луѓе и да ги дознаат нивните потреби во однос на менталното здравје. Исто така, се обиделе да ги дознаат и главните бариери што ги спречуваат младите да бидат ментално здрави.
„Во Црна Гора, младите немаат информации што значи да се биде ментално здрав човек, а тоа е првиот проблем што ги спречува да бараат помош во ситуациите кога им е потребна.Исто така, половина од учесниците на работилниците што ги организиравме рекоа дека веројатно нема да одат на психолог, дури и кога мислат да посетат, сметајќи дека разговор со експерт за ментално здравје е знак на слабост“, рече Радовиќ.
Според професорката Софија Арнаудова од Филозофскиот факултет во Скопје, менталните болести се екстремно стигматизирани, а менталното здравје е често недостапно, иако многу значајно во секојдневниот живот и општеството.
„Сето ова е многу потешко кога зборуваме за луѓето од маргинализираните групи. Стигмата поврзана со менталните болести е поврзана и со чувство на срам и можеби луѓето кои доаѓаат од маргинализираните групи се повеќе се соочуваат тоа“, рече Арнаудова.
Во меѓувреме, Арнаудова посочи на истражување од Филозофскиот факултет што покажало дека за време на пандемијата младите се чувствувале можеби посреќни и позадоволни од нивните животи во споредба со претходните години.
„Прашавме зошто, бидејќи сите зборуваат за здравјето и сите се соочуваме со проблеми со менталното здравје, но сфативме дека во овој период на Ковид-19, имаше многу вебинари, телефонски линии за поддршка на кои луѓето можеа да се јават и да побараат психолошка помош“, рече Арнаудова.
Извршната директорка на мрежата на млади професионалци и младински претставник во управниот одбор на РИКО, Франческа Мучо објасни дека младите луѓе вклучени во активизмот и различни активности го зголемуваат својот капацитет и тоа влијае на нивната благосостојба.
Иако РИКО активно не се занимава конкретно со менталното здравје на младите, Мучо објаснува дека две од стратегиските приоритети на организацијата се однесуваат на развивање на регионалната соработка и можностите на младите во регионот. Оттука, таа додава дека РИКО инвестира и во иновативни идеи и соработува со различни организации и училишта кои работат со млади од различни позадини.
„Како што знаете, развивањето на активното граѓанство кај младите луѓе и волонтирањето доведува до чувство на припадност, стимулација и влијае на нивниот личен раст. Исто и за зголемување на нивниот интегритет, капацитет за учество во општеството и за учество во различни процеси на донесување одлуки или креирање политики“, вели Мучо.
„И ова не е нешто што го кажувам од никаде, се’ поголем број на истражувања го откриваат позитивното влијание на активизмот врз улогата на вклучените поединци“, додава таа.
Експертите собрани во Тирана денеска ќе работат и на предлози за нацрт-политики за менталното здравје на младите во Западен Балкан и на нивно финализирање.
Како дел од настанот организиран од Младинската лабораторија за Западен Балкан вчера во Тирана во зелена боја беше осветлена скулптурата „Облак“ на архитектот Соу Фиџимото. Зелената боја претставува симбол за подигање на свеста за менталното здравје, со цел борба против стигмата.
Мартин Колоски