Експертите на СЗО истражуваат непозната болест во Конго

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека испратила свои експерти да им помогнат на здравствените власти во Демократска Република Конго да истражат сè уште непозната болест која предизвика неколку смртни случаи во оддалечен дел од африканската земја, пренесува Ал Џазира Балканс.

Во соопштението се вели дека експертите на СЗО се на пат за Панзи во југозападната провинција Кванго во Конго каде ќе ги достават потребните лекови и опрема за да помогнат во дијагностицирањето на причината за болеста со цел да се обезбеди соодветен третман. Се нагласува дека повеќе информации за болеста ќе бидат објавени веднаш штом ќе станат достапни.

Светската здравствена организација објави дека во Панзи досега се пријавени 394 случаи на инфекција и 30 смртни случаи, повикувајќи се на податоци од Министерството за здравство на Демократска Република Конго.

Претходно оваа недела, локалните власти објавија дека 143 лица починале во регионот во текот на ноември од непозната болест.

СЗО вели дека симптоми на болеста се главоболка, кашлица, треска, тешкотии со дишењето и анемија.