Неколку експлозии се слушнале утрово во Одеса, пристанишен град во јужна Украина. Градската управа на својата веб-страница објави дека станува збор за ракетни напади, пренесува Ал Џазира на својот блог во живо.
Според очевидци, во градот се слушнале неколку експлозии и се гледал чад. Градот бил нападнат со ракети, а во некои делови од градот избувнале пожари, соопшти градската управа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека Русија има намера да ги окупира истокот и југот на Украина.
Црвениот крст претходно соопшти дека продолжува операцијата за извлекување цивили од Мариупол.
Според британската воена разузнавачка служба, руските поморски сили продолжуваат да ги блокираат бреговите на Украина на Црното и Азовското Море, со што го оневозможуваат нејзиното снабдување преку морето.
Русија утрово соопшти дека мировните преговори не напредувале доволно за средба на лидерите на двете земји и дека ставот на Москва за статусот на Крим и Донбас останува непроменет.
„Нацрт-договорот не е подготвен за самитот“, изјави рускиот главен преговарач Владимир Медински за Телеграм.
„Повторувам постојано: позицијата на Русија за Крим и Донбас останува непроменета“, додаде тој.
Но, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков изјави дека мировните преговори меѓу Украина и Русија треба да продолжат.
Песков рече дека Москва ја започнала инвазијата со цел да ги „спаси“ двата источни региони кои беа преземени од проруските сепаратисти во 2014 година и додаде дека верува оти рускиот јазик ќе биде вратен во Украина.
Русија и Украина одржаа неколку рунди разговори, во живо во Турција и преку видео врска.
„Најважно е преговорите да продолжат, без разлика дали во Истанбул или на друго место“, рече Песков, додавајќи дека преговорите „не се лесни“.
Русија би сакала да ги продолжи преговорите во соседна Белорусија, но Киев се противи на оваа идеја, рече Песков.
Руската инвазија врз Украина трае веќе шест недели. Според последниот извештај за загубите на украинската страна, кој датира до 12 март, во Киев биле убиени 1.300 војници, од вкупно 130.000 припадници на копнените сили.
Киев открива многу повеќе за руските загуби и тврди дека досега животот го загубиле 17.500 руски војници.
На 25 март, Москва соопшти дека по едномесечни борби изгубиле 1.351 војник, а раниле 3.825 и ја потврдија смртта на генерал и висок поморски офицер.
НАТО проценува дека од 150.000 до 200.000 руски војници колку што се стационирани во Украина, 30.000 до 40.000 се надвор од акција, односно се убиени, ранети или заробени.
Во меѓувреме, продолжуваат мировните протести во Русија.
Повеќе од 170 луѓе беа уапсени вчера во Русија поради протести против руската офанзива во Украина, соопшти невладината организација ОВД-Инфо, специјализирана за следење апсења во земјата.
„Повеќе од 178 лица се уапсени во 15 руски градови“, се вели во соопштението на невладината организација.