Министерството за образование не попушта, екстерно тестирање ќе има и почнува во понеделник, а ќе трае до 8 јуни. Ќе се проверува знаењето на 200 илјади ученици и работата на 15 илјади наставници. Учениците своите прашања ќе ги одговараат по електронски пат, а ќе се тестираат по два наставни предмета по случаен избор. Екстерните тестови нема да важат само за матурантите, бидејќи тие и онака полагаат државна матура. Поради описното оценување, исто така вакви тестови нема да има и за учениците од прво, второ и трето одделение.
Оценките кои ученикот ќе ги добие по двата предмета од екстерното тестирање ќе бидат впишани во свидетелството и ќе влијаат на неговиот вкупен успех. Во свидетелството ќе стојат и оценките кои по тие предмети ученикот ги добил од наставникот. Наставниците пак кај кои ќе има најголемо отстапување меѓу оценката што тие му ја дале на ученикот и онаа која е добиена на екстерниот тест, ќе добијат пониска плата.
Иако и наставниците и учениците изразија револт поради воведувањето на екстерните тестови, на протест излегоа само вторите. Во изјава за Радио МОФ дадена пред неколку дена, од Синдикатот на просветните работници (СОНК) рекоа дека Министерството за образование и наука е решено по секоја цена да го истурка проектот до крај. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков ги демантираше информациите во јавноста дека професорите се подготвуваат за штрајк, а рече и дека преговорите со ресорното министерството одат во добра насока.
Но ова не помина лесно и кај учениците. Големи протести изминатава недела беа организирани во повеќе градови низ Македонија. Излегоа учениците во Струга, Струмица, Прилеп и Тетово, за нивниот револт да кулминира со протестот во Скопје, на 25-ти мај, Денот на македонските просветители. Учениците се собраа под мотото „Заедно да се избориме против екстерното тестирање!“.Сенка на протестот единствено фрли обидот за политизирање на целата ситуација од одредени политички партии, но ваквите намери брзо беа откриени. Учениците најавија бојкот на екстерното тестирање во понеделник и повикаа на масовен протест.
„Зошто бојкот? Затоа што нема друг начин! Затоа што ова е одлука од која ќе зависи нашата иднина, и иднината на сите идни ученици! Затоа што ако се откажеме нема да победи демократијата, ќе победат заканите, уцените, партиските војници! Затоа што ќе биде касно да протестираме после понеделник!“, се вели во видеото кое се врти по интернет медиумите и социјалните мрежи, а на кое се потпишани членовите на здружението „Одраз“.