Анкетите покажуваат дека крајнодесничарската партија Национален собир убедливо победи со околу 34% од гласовите во првиот круг од предвремените избори во Франција, а централистичката алијанска на претседателот Емануел Макрон е на третото место со 20.3% од гласовите, пренесува Ал Џазира.
Второто место во овој круг го освои левичарската коалиција Нов народен фронт со 29% од гласовите.
Според овие резултати, лидерката на партијата Национален собир Марин Ле Пен може да почне да размислува за формирање влада. Меѓутоа, останатите партии велат дека ќе соработуваат за да ја блокираат екстремната десничарска партија на вториот круг од изборите кој ќе се случи на 7 јули, што е пракса уште од минатото.
„Соочени со Национален собир, дојде време за широк, јасен демократски и републикански сојуз за вториот круг“, рече Макрон, повикувајќи на „широка демократска алијанса“ против екстремната десница.
Според агенцијата „Елабе“, десницата и нејзините сојузници би можеле да освојат од 260 до 310 пратенички места во вториот круг, а според Ипсос од 230 до 280. Ле Пен и Џордан Бардела, кандидат за премиер и моментален претседател на екстремистичката десница, бараат апсолутно мнозинство во Националното собрание или вкупно 289 места во овој долен дом на францускиот парламент.
Бардела истакна дека вториот круг ќе биде „најважниот во историјата на француската Петта република“, додавајќи дека партијата на Макрон е „збришана“, а екстремната левица ја обвини за создавање „егзистенцијална криза“ што претставува „реална опасност за Франција и целиот француски народ“.
Додека пак, Жан-Лук Меланшон, предводникот на левичарската партија изјави дека согласно нивните принципи и ставови на сите претходни избори, никогаш нема да дозволат Национален собир да постигне победа.
Овие избори се со највисока излезеност во прв круг досега, што според Макрон зборува за важноста на ова гласање и желбата да се разјасни политичката ситуација.
Доколку екстремно десничарската партија победи и на вториот круг од изборите, тоа ќе биде првата десничарска Влада во Франција по Втората светска војна.
Инаку, Маркон ја запрепасти целата држава со одлуката да распише предвремени избори откако Национален собир освои поголема поддршка на изборите за Европскиот парламент минатиот месец, коцкајќи се дека оваа антиимиграциска партија нема да го повтори успехот на национално ниво.