Екстремното време поврзано со климатските промени и масовните евакуации за заштита на загрозените луѓе го поттикнуваат глобалниот пораст на семејствата кои се присилени да се отселат од своите домови, а дел од нив останува долгорочно раселени, се наведува во најновиот извештај на женевскиот Центар за следење на интерно раселените (ИДМЦ).
„Во околу 98 отсто од случаите кога луѓето морале да ги напуштат домовите во 2020 причина била екстремното време. Некои од нив можеле брзо да се вратат дома, по евакуација“, кажа шефицата на ИДМЦ Александра Билак.
Меѓутоа, од австралиските семејства кои ги изгубиле домовите во шумските пожари, преку жителите на пацифичките острови погодени од циклонот Харалд, до петте милиони жители на јужна Азија евакуирани поради циклонот Амфан, сè повеќе раселени не успеваат да се вратат.
„Раселеноста може да потрае со месеци или дури години“, кажа Билак. Додаде дека дури и богатите земји бележат сè повеќе раселени лица, на пример во САД по ураган. Дури и за оние кои се привремено евакуирани од домовите таквото искуство претставува шок, истакна Билак.
Глобално на крајот на 2020 имало околу 55 милиони раселени во своите држави, што е рекордна бројка, истакнуваат истражувачите. Повеќето раселени во претходните години биле насилно протерани, а минатата година трендот се сменил, иако бројот на конфликтите се зголемил, објасни Билак.
Во Етиопија се раселени околу половина милион луѓе поради воената операција на етиопската војска против бунтовниците во Тиграј, а бројот на интерно раселените во Буркина Фасо во последните две години двојно пораснал и достигнал милион луѓе.
Поради временските неприлики во годината на зголемен број бури и поплави, раселени се околу 40 милиони лица, многумина привремено.