Еквадор на чекор до декриминализација на евтаназијата

Уставниот суд на Еквадор ја декриминализираше евтаназијата, пренесува Ал Џазира Балканс. Со ова, Еквадор стана втората земја во Латинска Америка која ја декриминализираше евтаназијата, по Колумбија која тоа го стори во 1997 година.

Со седум гласа „за“ и два гласа „против“, судот соопшти дека кривичното дело убиство повеќе нема да се однесува на медицинските лица кои се борат за зачувување на правото на достоинствен живот на пациентите.

Ова следува по тужбата на Паола Ролдан, која боледува од невролошката болест амиотрофична латерална склероза, позната како АЛС. Таа во ноември пред судот изјави дека чувствува болка, осаменост и суровост и сака да почива во мир.

Предлог-законот за евтаназија сега ќе треба да биде изготвен и одобрен од Конгресот, процес кој може да потрае многу месеци, но адвокатите на Ролдан велат дека пресудата е „веднаш применлива“.

Римокатоличката црква, на која припаѓаат мнозинството Еквадорци, останува цврсто на ставот против евтаназијата.