Европската унија треба да ги засили активностите и да инсистира земјите од Западен Балкан да го намалат загадувањето и да се усогласат со барањата за емисии, пишуваат европратениците Петрос Кокалис и Виола фон Крамон-Таубадел за Еурактив. Тие исто предлагаат инструменти за постигнување на оваа цел. На нивниот апел веќе се потпишани 30-ина други европратенити.
„Како што бледнее ехото од КОП26 во Глазгов, некои од земјите-аспиранти за ЕУ не успеваат ни да се усогласат со стандардите за загадување на воздухот од своите електрани на јаглен, а камоли да ја прекинат употребата на јагленот и да тргнат по патот на декарбонизација. Електраните на јаглен од Западен Балкан се слепата точка на ЕУ“, велат европратениците.
Петте земји од Западен Балкан чија струја зависи од јагленот можеби не се рангираат високо од аспект на глобалните јаглеродни апсолутни емисии. Сепак, велат тие, кога станува збор за загадувањето на воздухот и неговите влијанија во самиот регион и во ЕУ, сликата е сосема поинаква. Во 2020 година, 18 електрани на јаглен во Западен Балкан испуштале 2,5 пати повеќе сулфур диоксид од целата флота на ЕУ од 221 централа.
„Најмалку 19.000 смртни случаи се проценува дека се случиле поради загадување на воздухот од јагленоцентралите во Западен Балкан во периодот од 2018 до 2020 година, а 12.000 од нив се поради прекршување на Директивата за големи постројки за согорување. Оваа легислатива веќе двапати беше заменета во ЕУ за да се наметнат построги ограничувања, но на Западен Балкан стапи во сила дури во 2018 година. И фабриките на јаглен што ја почитуваат Директивата за големи постројки за согорување влијаат врз здравјето, но не до таа мера за непотребно да го зголемуваат бројот на заболувања и предвремени умирања“, забележуваат европратениците.
Тие посочуваат дека повеќе од половина од овие смртни случаи што може да се спречат се случија во ЕУ, која увезува 8% од електричната енергија произведена од овие силно загадувачки постројки. Најпогодени земји од ЕУ беа Италија, Унгарија, Романија, Грција, Бугарија и Хрватска. Така, ЕУ ја користи евтината електрична енергија што ја произведуваат централите и плаќа голема здравствена цена.
„Увозот на електрична енергија на ЕУ од Западен Балкан сочинува 0,3% од вкупната потрошувачка на електрична енергија во ЕУ. Сепак, загадувањето со сулфур диоксид поврзано со овој увоз е половина од вкупните емисии на сулфур диоксид од сите електрани во ЕУ во 2020 година“, велат тие.
Тоа дека земјите од Западен Балкан требаше да се подготват за имплементација на Директивата за големи постројки за согорување од 2005 година кога се приклучија во Договорот за енергетска заедница, е една работа, но, посочуваат европратениците, тоа што ЕУ презема многу малку активности за да ја обесхрабри таквата флагрантна неусогласеност е навистина итно прашање – аларм за јавното здравје и животната средина.
„Како претставници на граѓаните на ЕУ, веруваме дека ЕУ мора да ги засили активностите и да инсистира земјите да го намалат своето загадување и да се усогласат со барањата за емисии. Сегашниот механизам за решавање спорови од Договорот за енергетска заедница во никој случај не е доволно силна алатка да се натераат земјите да се придржуваат до барањата.
2020 година беше трета година по ред со прекршувања. Земјите знаат дека нема да трпат пропорционални и одвраќачки последици, како што се финансиските казни, кои во ЕУ докажано функционираат. Затоа, зајакнувањето на Договорот за енергетска заедница е од најголема важност. Тој се покажа како клучен инструмент за унапредување на примената на правото на ЕУ во енергетскиот сектор кај договорните страни, а ние неодамна му пишавме и на еврокомесарот за енергетика за да побараме да се забрза неговото спроведување.
Неуспехот да се намали јазот во контролата на загадувањето и севкупните климатски цели меѓу ЕУ и нејзините непосредни соседи, ризикува да ја наруши амбицијата и на крај кредибилитетот на блокот, нешто што мора да го избегнеме“, заклучуваат Кокалис и Фон Крамон-Таубадел во апелот потпишан од повеќе други европратеници.