Електричниот автомобил CV-1 е рускиот конкурент на Тесла

Руската фабрика „Калашников“ произведе електричен автомобил со ретро-изглед.

Фирмата зад познатата автоматска пушка АК-47 го претстави прототипот на возилото CV-1, на настан организиран во близина на главниот град Москва.

Се вели дека CV-1, инспириран од советскиот „хетчбек“ создаден во 1970-тите, е револуционерна „супер кола“.

„Калашников“ претходно беше исмевана за нејзиниот нов борбен робот „малиот Игор”.

Компанијата во соопштението во четвртокот објави дека автомобилот CV-1 вклучува бројни „комплексни системи” со технологија која би „дозволила да застанеме во редовите на глобалните производители на електрични автомобили, како што е Тесла”.

Оттаму информираат дека кога целосно ќе биде развиен, автомобилот ќе има неколку пати поголема брзина од сегашните електрични возила произведени во истата фабрика и ќе може да патува до 220 километри со едно полнење.

Бидејќи е првичен прототип, се уште не се открива колку ќе чини возилото.

„Калашников“ ги разгледува можностите да го пласира својот бренд во различни насоки и неодамна лансираше линија за облека и лични предмети, како чадори и паметни телефони.

Сепак, одлуката да се насочи кон развој на електрични возила беше дочекана со измешани реакции во Москва.

Дел од корисниците на социјалните мрежи сметаат дека возилото има „смешен дизајн налик на зомби“, додека други велат дека е кул.

„Вашите тенкови се одлични, но би било подобро да останете подалеку од автомобили”, гласи еден од коментарите.

„Калашников“ неделава го откри Игорек, робот висок четири метри, а тежок 4,5 тони, дизајниран за „спроведување инженерски и борбени задачи”.

Во време кога роботите се натпреваруваат да станат помали, побезбедни и попаметни, компанијата беше исмевана за големиот старомоден дизајн на роботот.

Од „Калашников“ изјавија дека се надеваат оти ќе прикажат подобрена верзија на роботот на изложба во 2020 година.