Познатиот македонски музичар Дуке Бојаџиев на 5 септември во „Капан-ан“ ќе одржи концерт. Дуке најавува дека ќе ја искористи средбата со скопската публика за да презентира дел од својот нов материјал низ електроакустичен сет.
За визуализации ќе биде задолжен гостинот од Истанбул, виџеј Видбит, додека домашна поддршка ќе понудат Илина и Томи Бојаџи.
– Ова беше навистина богат период со случувања за мене и моментот за повторно закажување концертна промоција е идеален. Секогаш ми претставува посебна чест да застанам пред домашната публика и со нив да ги споделам моите последни музички остварувања – изјави Дуке, кој е веќе пристигнат во родниот град, се подготвува за настапот и ја привршува работата на музиката за долгоочекуваниот филм на Столе Попов, „До балчак“.
Дуке Бојаџиев е македонски композитор, продуцент и пијанист што веќе 12 години живее и работи во Њујорк. Досега има издадено седум соло-албуми, а неговата музика е дел од светски познатите компилации „Buddha Bar“, „Marrakech Express“ и „Chill out in Paris“. Има изработено авторска музика за повеќе македонски и странски филмски остварувања, како и музика за маркетинг-кампањи на повеќе светски брендови.
Извор: Нова Македонија