Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје испрати уште две нови барања до Министерството за образование и наука (МОН). Тие бараат воведување на електронски индекс, како и укинување на еден од критериумите за четвртата група стипендии и сметаат дека тие треба итно да се исполнат.
За да се воведе електронски индекс, појаснуваат студентите, потребна е измена на Член 15, алинеја 2, од Правилникот за содржината и формата на дипломата, како и упатството за подготовка на додаток на дипломата и на другите јавни исправи. УСС до МОН испрати предвидена променета верзија на овој дел.
„Главната причина поради која целиме кон е-индекси е фактот што живееме во време на дигитална револуција и ваквиот чекор напред ќе е предвесник на многу позитивни промени, како побрз и поедноставен начин на давање на оценки од страна на наставниот кадар на факултетите, заштеда на време и финансии на студентите, пренасочување на финансиите кон подобрување на дигиталните системи и поздрава животна околина и зачувување на природата“, истакнуваат студентите.
Оттаму за ова барање додаваат дека веќе голем број од универзитетите имаат свои системи преку кои водат евиденција (е-индекс), што значи дека доколку се направи оваа промена нема да претставува никаков проблем за универзитетите да се адаптираат.
УСС, исто така, бара и измена на критериумите за доделување на стипендии од прв циклус – четврта група на стипендии кои се успехот во учењето, односно успехот остварен во текот на средното образование и користење на стипендија за талентирани ученици од МОН.
„Бараме измена во вториот критериум со тоа што овој критерум ќе биде укинат целосно бидејќи во пракса се покажа дека многу мал дел од студентите го исполнуваат овој критерум со што оваа категорија на стипендија останува не искористена“, појаснуваат тие.
Важно е да се напомене, потенцираат од УСС, дека овие стипендии се доделуваат на студенти кои се запишани на студиски програми за образование на наставен кадар во предучилишното воспитување, основното и средното образование со што преку оваа измена ќе се даде поголема поддршка на студентите кои се идниот образовен кадар во државата.
„Како доказ е список на студенти добитници од конкурсот во 2023/24 година каде што се гледа дека само еден кандидат ги има исполнето условите и конкурсот во 2022/23 каде што само тројца кандидати ги имаат исполенто условите. Резултати од 2023/24 Од вкупно 60 предвидени стипендии (30 за 2023/24 и 30 за 2022/23) само 4 стипендии биле доделени. Сметаме дека оваа бројка е поразителна и дека со укинувањето на членот два ќе се зголеми доделеноста на стипендиите од 4 стипендии на 60 стипендии“, посочуваат од УСС.
Ова се уште две во низата барања кои УСС ги испрати до МОН овој месец. Студентите побараа измени на Правилникот за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно – истражувачките кадри, усвојување на Закон за младински стандард, продолжување на рокот за аплицирање на повикот за субвенциониран студентски оброк. МОН го прифати барањето за бруцошите да можат да аплицираат на повикот за користење на студентски оброк до 5 септември со што ќе се стекнат со правото на користење на мерката од почетокот на академската година, како и барањето студентите на интегрирани студии 3+3 години да можат да аплицираат за стипендија за втор циклус на студии.
Дополнително, од УСС бараат и исполнување на мерката ваучер за туризам и намалување на трошоците за меѓуградски превоз.