Во недела во Паркот на франкофонијата во 10 часот, повторно ќе се прави елка од пластични шишиња.
На иницијатива на твитер заедницата, ќе се прави новогодишна елка од пластични шишиња и други рециклирачки материјали. На настанот секоја година, освен твитерџиите, присуствуваат и сите граѓани кои сакаат да помогнат со елката.
„Започнавме со оваа акција со цел да ја подигнеме свеста за рециклирање на отпадот во Македонија“, вели Маја Марковска, еден од волонтерите во оваа акција. „Сметаме дека употребата на пластиката и неселектирањето на истата при фрлањето укажува дека е потребно повеќе да се работи на овој проблем кој има големо влијание на животната средина“, додава Маја.
Ден претходно на 27 декември од 12 до 14 часот, пластични шишиња за елката ќе може да се донесат и донираат на досега рекордни 6 собирни пункта:
– Аеродром (пред ТЦ Бисер),
– Универзална сала
– Капиштец (пред ТЦ Беверли Хилс)
– ТЦ Лептокарија (пред кафе Флуид)
– Кисела Вода (споменик Тодор Александров)
– Населба Влае (Плоштад Делфина).
Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се вклучат во акцијата, како со донирање на шишиња на пунктовите, така и во правењето на елката и порачуваат дека за сите ќе има топол чај, греана ракија и добра забава.
Тие се надеваат дека, како и минатите години, оваа акција ќе биде уште еден поттик самите граѓани да преземат поголема одговорност за чистотата на околината, особено имајќи го предвид фактот дека живееме во енормно загадени средини. Eлката од пластични шишиња ќе ја откупи Пакомак, а собраните средства ќе бидат донирани во добротворни цели.