Изложбата на скулптури насловена „Емоции“ од уметникот Никола Смилков ќе биде отворена на 4 ноември (петок) во 20:00 часот во Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје.
„Смилков своето уметничко дело како од самите негови почетоци да го поврзува со таинствени нишки со култниот однос кон човечката фигура, особено женската, како центар на микрокосмичките случувања. Сведена, кубистички поедноставена, во дискурс на минимализмот прецизно обликуваната форма, оддава низ призмата на ликовното, необично важни, суштински ознаки на значењето во самата своја содржина“, пишува м-р. Луција Гурашовиќ во описот за изложбата.
Никола Смилков магистрирал во областа на вајарството на Факултетот за ликовни уметности за уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 2012 година се стекнува со титула доктор на науки на Педагошкиот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ -Битола, од областа на Методика на ликовно образование. Досега учествувал на многу меѓународни симпозиуми при кои има поставено повеќе монументални скулптури и има учествувано и на групни изложби. Добитник е на повеќе меѓународни и домашни награди за уметност.
Изложбата ќе биде отворена за посета до 12 ноември.