Првата епизода на новата емисија Ендемик. Ендемик е емисија посветена на биодиверзитетот – разновидноста на животински и растителни видови во Македонија. Ќе зборуваме за загрозените видови, зошто е важно да го обезбедиме нивниот опстанок и како секој од нас може да се вклучи во нивната заштита.
Ќе зборуваме за истражувачките терени низ Македонија, ќе споделуваме искуства на студенти, професори, научници и љубители на природата. Ќе откриеме кои делови од нашата земја се најинтересни за истражување, каде можат да се видат најректите животни и растенија и од каде да започнете ако сакате да одите на една истражувачка акција. Или, како би изгледал македонскиот Bear Grylls, каде би одел и што би понел со себе.
Преку инспиративните приказни на еколозите и волонтерите, кои неуморно работат и им го позајмуваат својот глас на оние кои не умеат да зборуваат, ќе го доловиме вистинското значење на екологијата.
Водителка на емисијата е Бисера Влахова, студентка на ПМФ.