Идејата беше да се собереме, да направиме марш, да почувствуваме дека создаваме голема критична маса, па да се фатиме за работа. Сепак, не влегоме во „празна соба“. Со години разни организации во Франција се активни на случајот, правеа „терен“. Мора стрпливост, да поминеш неуспех до неуспех, за еден ден да се случи вакво движење. Иронијата е дека, на почетокот, те отфрлаат. Но, мора да се стремиш кон целта, а да не очекуваш луѓето да те сакаат и наградуваат за твојот активизам. Луѓето мора да ги убедиш и дека уништување на средината ќе создаде социјален хаос, вели во интервју со Радио МОФ, Енди Батентие, коорганизатор на маршевите против климатските промени во Париз и дел од Жолтите елеци.
Млад дечко со наочари и пуцвал фризура, со изодена километража на протести низ Франција, преку својата активистичка антена се поврза со конференцијата „ENGAGE“. Еве го сега пред мене во „Кино Култура“, во тивка соба на горниот спрат. Далеку од аудиториумот. Газда Пајо и персоналот не’ оставија, ни препорачаа да си затвориме прозор, за да не влегува бучава од центарот.
Батентие тукушто го заврши излагањето на конференцијата. Брзо збореше, а пола сала не го (с)фати неговиот француски акцент. Затоа, дојде време да надокнадиме. Со вклучен диктофон. Не да оптеретиме со бројки и статистики за протестите, туку едноставно, да ми каже кој е, што е, и зошто го прави тоа што го прави. И, како две големи општествени движења се поврзаа и мобилизираа илјадници луѓе за промени.
„Јас сум студент, докторанд по културна социологија. По некоја случајност се најдов во светот на активизмот по еден настан креиран на Фејсбук“, скромно се претстави Батентие.
Долго време бил заинтересиран, се информирал за еколошки проблематики. На некој начин, бил разочаран бидејќи скоро ништо не се случувало. Не „мрднувала“ работата со климатските промени.
Потоа го видел францускиот протест на 8 септември 2018, што му делувал фино, некакво будење, но не можел да присуствува бидејќи во моментот живеел во Холандија. Рекол „ОК, веројатно луѓето ќе сакаат да направиме уште еден протест“, па лансирал Фејсбук евент, да види дали граѓаните ќе одговорат на повикот.
И – одговорија.
Маршираа меѓу 20.000 – 50.000 луѓе, во октомври, на 30 Целзиусови степени. Бараа климатските промени да станат приоритет за властите. Особено што од последните 18 години, 17 се најтоплите во историјата откако мерењето на температурата е започнато.
Во интервју за француското радио „Europe 1“ рече дека целта беше да се „одржи притисок“ и „проблемите да се сфатат сериозно“. Тоа е наменето за донесувачите на одлуки. Но, кој е основниот порив на Движењето против климатски промени?
Егзистенцијален страв за преживувањето на човечкиот вид. Тоа се базира врз опаѓањето на биодиверзитетот, високите температури, што предизикуваат аномалии, хаос, огромни промени на кои мораат да се адаптираат сите живи суштества. Способни сме да се адаптираме на вакви нешта, што не е случај со нашата животна средина, која, пак, всушност ни е потребна за да преживееме. Уште една работа што луѓето често не ја перцепираат кога размислуваат за средината, е тоа дека ќе направи социјален хаос. Тоа значи, намалени ресурси, а во тој случај – борба меѓу луѓето за ресурси. Па, во одреден период, може да настане и војна, социјален и политички хаос.
Разочарувачки е да знаеш дека се окупираме со бесмислени работи. А, доколку се активираме и ангажираме за проблемот, би имало многу повеќе смисла, корист која ќе го осигура нашиот опстанок.
Во тебе постои порив. Го покажуваш на улица, на дискусии, секаде. Но, тоа си ти. Како да мобилизираш други апатични луѓе да се поистоветат со тој револт, став и желба, па да се ангажираат? Да извадиш на улица педесет, сто, илјадници граѓани, за да има ефект?
Веројатно две работи. Прво, во нашиот случај, постоеше „тригер“ настан – оставката на министерот за екологија, што на улица повлече демонстранти. Потоа, мора да ја одржиш енергијата низ специфична мобилизација. Тоа беше идејата на 13 октомври, кога го организиравме настанoт. Да, дојдоа луѓе, се појавија. Но рековме „сега што?!“. Сега да им покажеме што се случува. Ставот на граѓанските организации. Како да мобилизираат други луѓе. Да поврзат луѓе со луѓе. Велиме „Сакаш да правиш нешто? Еве како можеш да се активираш во својот живот, или да си политички активен“.
Овозможивме говори од научници, со факти, бидејќи гледаме дека понекогаш медиумите не пружаат релевентни податоци. Исто така, да станат самосвесни, да размислуваат за себе.
Од каде поврзаноста меѓу Движењето против климатски промени и Жолтите елеци, кои на почетокот имаа социјален предзнак? Како се соединија, па да функционираат заедно, еден со друг? Многу од луѓето овде не ја сфаќаат таа симбиоза…?
Кога постои наплив на толкава енергија, може да отиде на една или друга страна… Моравме да работиме, да дојдеме до момент: „Ок, ајде да ги контактираме Жолтите елеци“. По 24 ноември, направив видео. Реков: „Нашата борба е иста борба“. Во моментот беше ризичен потег, бидејќи се разви анимозитет од движењето кон Жолтите елеци. Исто се случуваше и од другата страна кон екологистите. На стартот, Жолтите елеци протестираа против таксите за гориво. Многумина сметаа дека цените рипнаа токму по настојување на екологистите, па непријателство вирееше од двете страни.
Сепак, од обете позиции имаше и луѓе што сакаа врски, пријателство за градење мостови. Малку по малку, работите се сменија. Можеби немаше да успееме без вложена енергија.
Жолтите елеци практикуваа и насилство, но на „ENGAGE“ твојот став беше дека не е нужно насилство за повисока цел. Што се случува кога, на пример, јас не делувам насилно, ти исто така си пацифист, но нашето трето другарче-соборец бара работите да ги решава со насилство, за да „ја докаже неправдата од власта“?
Ова е тешко прашање… Лично, не ми се доаѓа идејата да се тепаме меѓусебно. Затоа сме пацифисти, не сакаме насилство. Но, она што реков на конференцијата е дека легитимното насилство е монопол на државата. Таа ги диктира процесите, секогаш. Нивото на насилство е дефинирано од државата, секогаш. Движењето на Жолтите елеци стана насилно затоа што политичката моќ одговори насилно на првите протести, кои не беа насилни. Споменав дека има мртво лице од полициска аметодкција, но умреа и десет лица бидејќи го блокираа патот. Кога го правиш тоа, може да те удри кола. Тоа и се случи.
Кога сакаме да го трансформираме светот во прогресивно, похумано место, мораме да го всадиме семето со нашите цели во акциите. Ако гледаме од морална супериорност, во смисла дека правиме работи „за доброто на сите“, го отфрламе насилството како опција. Но, не значи дека не треба да се браниме себеси. Да не’ претепуваат, а да молчиме. Одговорна за насилството секогаш е владата, државата. Тоа е најважното. Ти и јас, ако земеме да претепаме некого – ќе бидеме уапсени, изведени пред суд и веројатно ставени во затвор. Државата може да те претепа, и тоа да биде „легитимно“. Знаете, тоа е…
Но, од друга страна, ако претепаме некого, како тогаш ќе бидеме корисни на нашето движење, ако бидеме во затвор?
Тоа е прагматичната страна… Од морален аспект, одговорните мора да сносат одговорност. Луѓето што имаат одговорност за јавни акции се одговорни за насилството. Крај на приказната. Но, ете, постои и прагматичен аспект. Ако си лидер на прогресивно движење и се однесуваш насилно – ќе бидеш уапсен, можеби и тепен, а притоа ќе недостасуваш на пријателите во борбата. На крајот, тоа се покажува самоуништувачко.
Каде се наоѓаат движењата моментално во однос на своите зацртани цели? А, каде треба да бидат во иднина?
Тоа… е добро прашање! Да бидам искрен, мислам дека ја доживуваме онаа француска изрека „Être dans le creux de la vague” (На дното од бранот). Кога си на бранот, можеш да бидеш на врвот, или најдоле. На некој начин, ние сме на дното. По шест месеци константна мобилизација, политички притисок, насилство и од полицијата, чудно е што се’ можеш да доживееш на протестите… Дополнително, ова носи различни процеси. Политички гледано – сите зборуваат за екологија. Ова можеби е ефект и на европските избори, каде екологијата отсекогаш била тема.
Но, мислам дека постои и еволуција на свест, подлабока, која сега извира. Се надевам дека луѓето ќе ги одржат просторите за дебата, за конфликтуалност (во оваа смисла, спротивна на конфликт, односно метода за поврзување неопходна за институционален живот н.з.). Да дискутираат политика, да размислуваат за себе, да ги сфатат проблемите од центарот на нивното секојдневие. На локално, но и на глобално институционално ниво. Тоа го прават одлично. Се надевам ќе има нови исходи, кои сега луѓето тешко ги замислуваат.
Исто така, се надевам нема да се поднесуваат нови оставки. Ако се врати таквиот процес, може да има негативен ефект, без разлика дали луѓето ќе станат понасилни, или да демолираат згради. Исто така, загриженост би донеле и гласовите за екстремно десничарските партии… Од друга страна, интересен аспект за Жолтите елеци е што на почетокот, всушност, во јавниот фокус беа презентирани како екстремно десна активност: „Ова се глупави луѓе, не знаат што прават, тие се расисти, идиоти, нашата космополитска култура е подобра…“. Бла, бла, бла…
Сепак, на крајот, откако почна движењето Жолтите елеци, малку слушаме муабети за мигранти и останати ср*ња што доаѓаа со ваквите „дебати“. Исчезнаа. Кога твоето име е Мишел, па ќе сретнеш некој Халед, ќе разговарате, станете пријатели, си споделувате визии за светот, за разни култури, народи… Одеднаш овие „дебати за мигрантите“ испаруваат. Тоа е позитивниот политички исход.
Во земјава постојат ицицијативи, разни организации како „02 Иницијатива“, Не биди ѓубре, Го сакам Водно, „Еко-свест“, „Здрава котлина“, Движење за чист воздух, „Go Green“, Fridays for future Skopje… Сите тие, на свој начин, се блиски до каузата на Движењето против климатски промени од цела Европа. Имаш ли некои предлози, идеи за понатамошното делување, можеби за вмрежување на иницијативите?
Не го познавам доволно локалниот контекст. Не сум во позиција да давам предлог или мислење. Сепак, мислам дека еколошката криза е глобална криза. Потребна е координација, контакт со други земји, активисти, затоа и дојдов тука. Да се организираме на пошироко, генерално ниво. Интересно е што во Франција, а можеби ако одлучат локалните активисти може да функционира и тука, е тоа што се потребни простори за конфликтуалност. Креираш место и активираш луѓе да зборуваат, да се контрадикторни едни со други. Кај нас почна тој процес. Не знам како е во Македонија.
Многу е тешко, бидејќи почна да расте индивидуализмот кај луѓето, стојат на своите позиции, па кога се зборува за политика, зборуваш гласно, и ако го надвикаш другиот – тогаш „си победил“. Тоа не треба да биде така. Можеш да бидеш конфликтуален со некој, да не се сложуваш, но да се конектираш со идеи, разменуваш, мислиш, се надополнуваш. Ова е начинот на кој треба да еволуираме. Ако сакаме да се соочиме со еколошката криза, мораме да се потпреме на колективна интелигенција. Нема друг начин.
Ова е преголем проблем за еден ум. И за наједуцираниoт ум. Решението за климатските промени може го знае земјоделец, ,,мигрантот” што знае да расте овошје во период на суша, или човек од соседството што секојдневно од прва рака ги следи процесите. Затоа – комуникација, поврзување, дискусија и еднаквост.
Бојан Шашевски