Енди Батентие, ко-организатор на маршевите против климатски промени во Париз и дел од жолтите елеци, како и Ирена Ристиќ од иницијативата #НеБидиЃубре, ќе бидат дел од осмото издание на ENGAGE – Kонференција за социјален активизам. Со 10 говорници, 300 гости во публика и видео-пренос, ENGAGE и оваа година ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуалци, групи и организации чија цел е да го подобрат општетството во кое живееме.
Батентие е докторанд по културна социолологија, а на ENGAGE 2019 ќе ја раскаже приказната на младите Французи кои се дел од последните социјални и еколошки движења земјата. Неговата тема е насловена „Климатска правда е социјална правда: последните социјални и еколошки движења во Франција“.
Од септември 2018 година, две големи општествени движења започнаа во Франција: движењето на жолтите елеци и климатските маршеви. И двете движења мобилизираа голем број луѓе, со помош на социјалните медиуми. И покрај сличностите во формата, двете движења се составени од различни социјални категории и беа иницирани на очигледно спротивставени основи, бидејќи движењето на жолтите елеци беше предизвикано како знак на револт поради зголемувањето на цената на гасот и имплементацијата на еколошки данок врз него.
Ристиќ е активен член на „Не Биди Ѓубре“, граѓанска иницијатива за чиста и достоинствена животна средина. Нејзината цел е прилично амбициозна, а тоа е Република Северна Македонија да стане најчиста земја на светот. Таа на ENGAGE ќе зборува на тема: „Кога локалната власт спие, граѓаните се будни“.
Регистрацијата за настанот е отворена на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Сите информации за ENGAGE можете да ги најдете на веб страницата на конференцијата engage.mk.
Во изминатите осум години ENGAGE стана еден од најголемите собири за поединци и заедници во нашата земја и тоа е единствениот настан за активизам кој е организиран континуирано секоја година. Настанот нуди место за дискусија, иновација, креативност, зајакнување и развој во нашето општество и отвора дебата за статусот на слободата, правдата и еднаквоста, човековите права, младинските прашања и развојот на модерната демократија.
Овогодинешниот Engage е еден од серијата настани со кои ќе се одбележи 20 годишнината на Младински образовен форум. Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.