Денеска, со почеток во 12:00 часот, во Кино Култура ќе се одржи осмото издание на ENGAGE – Конференција за социјален активизам на која домашни и странски активисти ќе споделат знаења и искуства на теми поврзани со граѓанска ангажираност, активизам на јавен простор, слобода на говор, социјална правда, животна средина, човекови права, права на животни и култура.
Годинава меѓу говорниците на ENGAGE 2019 е Енди Батентие, ко-организатор на маршевите против климатски промени во Париз и дел од жолтите елеци кој допатува во Скопје за да ја раскаже приказната на младите Французи што се дел од последните социјални и еколошки движења во оваа земја. Од соседна Србија, доаѓаат Јелена Анасоновиќ и Миодраг Симовиќ од движењето #1od5milliona, како организатори на масовните антивладини протести. Гостин од Хрватска е младиот режисер Ловро Крсник кој зборува за иницијативата #ИПонатамуЧитам која се роди како протест поради укинувањето на дел од лектирите од страна на хрватските институции. Косовската активистка за човекови права Луљета Алиу пак нa ENGAGE ќе раскаже зошто „Жените не се сопственост: Економското насилство како семејно насилство“.
Меѓу говорниците се и Ирена Ристиќ од #НеБидиЃубре која сака нашата земја да стане најчистата земја во светот, Симона Димковска и Мартин Анастасовски од Културно Ехо ќе говорат за потенцијалот на напуштените простори, а говорник е и активистот Виктор Мазнев кој својот дом го направи прифатилиште за кучиња во Велес. Никола Јовановски ќе презентира за македонското #FridaysForFuture, а Радован Петровиќ и Горјан Стојковски ќе го споделат своето искуство од Светските Олимпски Игри на Специјалната Олимпијада. На Engage доаѓаат и Haus of Fauché, првиот дрег колектив во Скопје, чија цел е забава и едукација низ уметност.
Овогодинешниот ENGAGE е еден од серијата настани со кои ќе се одбележи 20 годишнината на Младински образовен форум.
Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy.