Младински образовен форум и Радио МОФ го најавија десеттото, јубилејно издание на Конференцијата за друштвен активизам „ENGAGE 2021“, која ќе се одржи во сабота, 29 мај во Музејот на современа уметност во Скопје.
На овогодинешното, хибридно издание, ќе може да ги слушнете приказните и искуствата на активисти од Нигерија, Индија, Турција, САД, Велика Британија и секако, од домашното тло.
Утре, 20 мај (четврток) попладне, официјално ќе се отвори Регистрацијата за настанот, а вие побрзајте поради тоа што бројот на гости во публика е ограничен. Принципот е „first come, first served“. Откако ќе се регистрирате на вашата мејл адреса ќе пристигне мејл за потврда.
Сите оние кои нема да успеат навремено да се регистрираат, настанот ќе можат да го проследат преку стримот во живо.
На „ENGAGE 2021“ ќе имате можност да ги слушнете говорите на 10 меѓународни и домашни активисти:
Гитаџали Рао, иноватор и научник, САД
„Тинејџерката што ги воодушевува СТЕМ научниците и ги инспирира врсниците преку користење на технологија за решавање на светски проблеми“
DJ Switch, активистка и диџејка, Нигерија
„Бранител на човековите права преку ден, DJ Switch преку ноќ – приказната на нигериската хероина“
Вандита Морарка, квир активистка и адвокат за човекови права, Индија
„Како активизмот придонесува за заздравување на проблемите со кои се соочуваат заедниците и малцинствата за време на пандемијата“
Борче Стаменов, иницијатива „Донирај компјутер“
„Донирај компјутер – иницијативата што донираше стотици компјутери на оние кои ги немаат“
Александра Манолчева и Дина Дамјановиќ, Ways2Help
„Постојат многу Ways2Help – Како да придонесеме кон позитивни промени“
Јигит Гоктуг Торун, активист, Турција
„Капката што ја прели чашата и ги натера разочараните турски студенти да протестираат“
Стефан Алексиќ, активист и ко-основач на мобилната еко-апликација „Challenger“
„Еко-идејата зад апликацијата Challenger – што повеќе километри толку поголеми попусти“
Влад Илич, актер и комичар, Велика Британија
Петар Антевски, продуцент и претседател на Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“
„Алтернативно финансирање на вонинституционалната театарска продукција: зошто е важна поддршката од публиката“
Денис Јанкуловски Космонаутко, активист и медицински техничар
„Космонаутко – позитива сред пандемија“
ВАЖНО: Публиката на настанот ќе биде ограничена. Конференцијата ќе се организира според Протоколот за организација на настани. Задолжително е носење маска и одржување растојание за време на целиот настан.
Повеќе информации може да погледнете на ФБ и на www.engage.mk