7 активистки, на 16 јануари точно напладне, под хаштаговите #СегаКажувам и #TaniTregoј почнаа да објавуваат свои лични приказни за сексуалното вознемирување или насилство од позиција на моќ. Веќе во првите два часа добиле над стотици исповеди.
„Тоа покажа колку е ендемично сексуалното вознемирување и сексуалното насилство во Македонија, а од друга страна покажа и колку е голема храброста на сите овие жени да излезат и јавно да зборуваат за ова и дека нашето општеството е конечно зрело за едно вакво движење и освестување“, изјави писателката и активистка Румена Бужаровска, кои заедно со Ирена Цветковиќ беа говорници на Конференцијата за друштвен активизам ENGAGE и ги споделија своите искуства од онлајн кампањата.
„Самиот хаштаг имплицира временска дистанца на приказната, свесни дека ќе споделиме приказна можеби од минатиот викенд, можеби од пред 10-15 години. Нас не ни беше важно кога ќе ја раскажеме приказната, туку да ја раскажеме и да ја исфрлиме од себе“, рече Цветковиќ.
Истражувањето по нивната кампања покажало дека во приказните најзастапена форма било психолошкото и вербалното сексуално вознемирување, па сексуалните напади или силување и непосакуван физички допир.
Додека кампањата предизвикала реакции од дел од претставниците на власта, Бужаровска и Цветковиќ споделија дека немало никаква реакција од УКИМ, или училиштата каде извесни наставници и професори кои дури биле и посочувани во приказните и покрај тоа што токму образовните институции биле најчесто споменувани во сведоштвата како простор каде се случувало сексуално вознемирување или насилство.
„Важно ни беше да ставиме фокус на женското доживување на овие микро-агресии, а не да започнеме истрага за стари или нови случаи. Тоа е работа на други институции. Ние сакавме да го прекршиме молкот, затоа што бевме свесни дека тој предолго траеше“, рече Цветковиќ.
Целата презентација на Бужаровска и Цветковиќ, можете да ја погледнете на видеото во продолжение.