Голем дел од граѓаните веруваат дека надворешната политика влијае врз нивниот секојдневен живот, но сложеноста на дипломатските преговори, меѓународните договори и стратешките сојузи обично се надвор од секојдневните искуства и грижите на обичните граѓани, што им отежнува целосно да ги сфатат или да се чувствуваат поврзани со овие прашања.
Ова го покажуваат резултатите од четвртата Дебатна анкета спроведена од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје. Истражувањето било спроведено согласно методот на дебатна анкета во соработка со Лабораторијата за делиберативна демократија од Универзитетот „Стенфорд“ од САД.
„Првично, малку повеќе од половина од испитаниците (51,1%) верувале дека надворешната политика на Република Северна Македонија влијаела на нивниот секојдневен живот. Сепак, по дебатата, имаше забележлива промена во перцепцијата. На скала од 1 до 10, оценката за влијанието на надворешната политика врз секојдневниот живот порасна од 5,78 просечна оценка пред дебатниот настан на 7,04 потоа, што укажува дека дебатата значително ја подигна свеста за влијанието на надворешната политика врз секојдневниот живот. Ова сугерира дека, иако граѓаните можеби не ги препознаваат секогаш непосредните ефекти на надворешната политика, информираните дискусии можат да го подобрат нивното разбирање за нејзината важност за нивните секојдневни искуства“, велат од ЕПИ.
Значителни промени во двете анкети се забележуваат за прашањата поврзани со познавањето на процесите на надворешната политика, усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика и односите на Република Северна Македонија со НАТО, истакнуваат од ЕПИ.
„На прашањето за конкретни пресвртници во процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ, на пример кога земјата доби статус на кандидат и кога почна скрининг-процесот за пристапување во ЕУ, значителен број учесници правилно ги идентификуваа овие настани. Дебатата имаше позитивен ефект врз зајакнувањето на знаењето за овие пресвртници, со благо зголемување на точните одговори потоа“, додаваат оттаму.
Сличен бил ефектот и за познавањето за односите на земјава со НАТО. Првично, граѓаните не биле сигурни околу годината кога Република Северна Македонија официјално влезе во НАТО, при што значителен дел испитаници не можеле да го идентификуваат точниот одговор.
Сепак, од Институтот велат дека по дебатата, знаењето значително се подобрило, при што 85,9% правилно ја идентификуваа 2020
година како година на пристапување.
„Дебатата, исто така, придонесе за подобрување на знаењето за сегашното членство на НАТО, при што 85,9% од испитаниците правилно го идентификувале бројот на земји-членки по дебатата, во споредба со 79,6% претходно. Ова сугерира дека дебатата била ефикасна во подобрувањето на јавното знаење за Алијансата“, велат од ЕПИ.
Анкетата уште еднаш ја потврдила високата поддршка на граѓаните за членството во ЕУ и НАТО на граѓаните, односно 58,4% од граѓаните во анкетата изјавиле дека целосно ги поддржуваат интеграциите на земјата во ЕУ, со дополнителни 18,4% кои рекле дека главно го поддржуваат членството во Унијата. Од друга страна, 11,6% до граѓаните рекле дека воопшто не ги поддржуваат европските интеграции.
„Слични се резултатите и со поддршката за НАТО, каде што 58,6 отсто од граѓаните рекле дека целосно го поддржуваат членството во НАТО, со дополнителни 16 отсто кои главно го поддржуваат, наспроти 11,4 отсто кои воопшто не го поддржуваат членството на земјата во Алијансата“, велат од Институтот за европска политика.
Според нив, дебатната анкета покажала дека се потребни комуникациски стратегии што ги преточуваат надворешнополитичките одлуки во нивните практични влијанија врз секојдневниот живот на граѓаните.
„Нагласување на тоа како меѓународните напори, како што се интеграцијата во ЕУ и членството во НАТО, влијаат на економските можности, безбедноста и социјалните услуги. Потребни се јавни консултации и едукативни кампањи што се сосредоточуваат на конкретни прашања од надворешната политика што директно влијаат на граѓаните“, велат од ЕПИ.
Инаку, дебатната анкета е уникатна форма на политички консултации што ги комбинира техниките на испитување на јавното мислење и јавната расправа.
Од ЕПИ велат дека таа цели да претстави како би изгледало јавното мислење на одредена тема, доколку граѓаните би имале можност повеќе да се запознаат со темата.
„Првичната анкета беше спроведена на репрезентативен примерок од 1.001 испитаник од целата држава, додека дебатниот настан се одржа во Скопје со 135 испитаници. Избраните 135 граѓани учествуваа на дводневен настан, каде што се информираа на темите, дискутираа помеѓу себе и поставуваа прашања на панел-дискусии составени од експерти, по што повторно ја пополнија истата анкета“, велат од ЕПИ.