Компанијата Епл ќе го одложи враќањето на своите вработени во канцелариите до датум кој треба допрва да го утврдат, додека истовремено ќе им додели по 1.000 долари на своите вработени за да си купат опрема за работа од дома.
Овој потег на технолошкиот џин доаѓа по новиот раст на случаите со Ковид-19 и загриженоста околу ширењето на Омикрон варијантата на вирусот. Претходно оваа недела Епл повторно воведе задолжително носење маски за сите нивни продавници низ САД, а паралелно ќе затвори и дел од нив поради растот на новозаболени, пренесува Си-Ен-Ен.
Компанијата во август првично го смени датумот за враќање во канцелариите од октомври во јануари, за потоа повторно да го одложи до февруари. Сепак новите околности со коронавирусот придонесоа за ова ново одлагање на неодредено време. Оваа вест доаѓа во моменти кога САД надмина 800.000 смртни случаи од Ковид-19 од почетокот на пандемијата, бројка што е најголема во светот.
Неколку други компании, меѓу кои и Гугл, Лифт, Убер и Амазон, исто така ги поместија датумите кога работниците треба да се вратат во канцелариите неколку пати поради неизвесноста од пандемијата.