Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган повторно ги повика анти-владините демонстранти да го напуштат паркот Гези во Истанбул, пренесува Радио Слободна Европа.
Апелот следи по уверувањето на власта дека нема да ги сече дрвата во паркот, се додека судот не го одобри планот за изградба. Властите дополнително понудија и распишување референдум за иницијативата.
Синоќешниот повик на Ердоган сепак остана без одѕив, бидејќи дискусијата и договорите меѓу демонстрантите се оддолжила до доцна во ноќта, а илјадници од нив повторно ги наместиле своите вреќи за спиење.
Претходно Ердоган повика мала делегација од демонстрантите да ги убедат илјадниците други да се повлечат од паркот. „Одете и разговарајте со нив… Не дозволувајте да мораме да употребиме други мерки“, порачал турскиот премиер.
Засега демонстрантите продолжуваат со протестите и бараат Ердоган да си поднесе оставка.