Убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги било планирано со денови, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во говор пред парламентот, додавајќи дека постојат цврсти докази дека дописникот на Вашингтон Пост бил убиен на свиреп начин во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул на 2 октомври.
Ердоган испрати барање до саудиските власти осомничените лица за убиството да бидат судени во Истанбул, додавајќи дека Саудиска Арабија треба да даде одговори за тоа каде се наоѓа телото на Кашоги и кој ја наредил операцијата за неговото убиство.
Саудиска Арабија досега понуди противречни објаснувања за тоа што се случило со Кашоги. По повеќе денови тврдења дека тој е жив, властите од кралството сега велат дека е убиен во акција со која властите не биле запознаени.
Обраќањето на Ердоган претпладнево се поклопува со почетокот на конференцијата за инвестиции во Саудиска Арабија која е во втор план поради случајот со новинарот Кашоги, откако голем број владини претставници и бизнис лидери се повлекоа од настанот.
Ердоган потврдил дека во Саудиска Арабија се уапсени 18 лица за случајот. Тој изјави дека три тима од вкупно 15 Саудијци пристигнале во Истанбул на посебни летови неколку дена и неколку часа пред убиството и дека ја истражувале шумата во близина на Истанбул, индиција дека тимот барал локација каде да го однесе телото на новинарот. Сепак турскиот претседател не сподели детали околу евентуалните видео и аудио докази од убиството, со кои, според медиумските информации, располагале турските власти.
Кашоги повеќе од една година беше во политички егзил во САД, стравувајќи од политички прогон. Новинарот ги поздрави реформите во Саудиска Арабија од страна на престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман, но продолжи да го критикува неговото автократско владеење.