Европскиот центар за правата на Ромите (ЕРРЦ) тврди дека случајот со 13-годишната штитеничка на Домот за деца и младинци со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“ не е единствен таков кој се случувал во Домот.
Како што пренесува МИА, ЕРРЦ добиле слични сведочења за сексуално злоставување од две сестри Ромки, исто така штитенички во Домот „25 мај“, кои често исчезнувале од Домот и нивните исчезнувања не биле пријавувани во полиција или кај родителите. Според нивните искази, постар маж ги земал од Домот за згрижување и ги однел кај Старата железничка станица во Скопје, каде сексуално ги злоставил.
Од ЕРРЦ велат дека нивната мајка го пријавила случајот во полиција и ги однела на гинеколог, кој заклучил дека девојките навистина биле жртви на сексуално насилство.
Адвокатката Сенада Али од ЕРРЦ, за МИА изјавила дека Центарот ги поддржува родителите на трите сексуално злоставувани девојки во покренување на судска постапка против Домот „25 Mај“, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, како и против Министерството за труд и социјална политика.
Моментално двете девојчиња се дадени на згрижувачки семејства. Истите имаат и помала сестра која е во Домот за деца без родители „11 Октомври“.