Огромната вулканска ерупција во пацифичката држава Тонга може да предизвика долгорочна штета на коралните гребени, да ги еродира бреговите и да го наруши риболовот, предупредија научници кои ги проучуваат сателитските снимки, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Подводниот вулкан Хунга Тонга-Хунга Хаапаи што еруптираше во саботата, предизвикувајќи предупредување за цунами низ Тихиот Океан, ослободува сулфур диоксид и азотен оксид, два гаса кои кога се во интеракција со водата и кислородот создаваат кисели дождови во атмосферата.
„Веројатно уште некое време ќе има кисели дождови на подрачјето на Тонга“, рече вулканологот Шејн Кронинг од Универзитетот во Окленд.
Киселите дождови предизвикуваат голема штета на посевите и можат да влијаат на основните намирници кои ги користат жителите на државата, како што се пченката, бананите и градинарскиот зеленчук.
Сателитските снимки сугерираат дека облак од чад се шири кон запад, што значи дека Тонга би можела да биде поштедена од киселиот дожд, но не и островот Фиџи.
Канцеларијата за хуманитарни прашања на Обединетите нации соопшти дека Фиџи го следи квалитетот на воздухот и ги советува луѓето да подготват резервоари за вода за домаќинствата и да останат во затворени простории во случај на дожд.