35% од Ромките не одат на гинеколошки преглед дури и кога имаат потреба од истиот, додека 40% од нив не можат финансиски да си ги дозволат гинеколошките прегледи. Само 12% од оваа популација се опфатени во програмата за скрининг на ракот на грлото на матката на Министерството за здравство во периодот од 2018 до 2021 година. Ромките не се запознаени со опцијата за закажување на преглед со ПАП тест преку skrining.mk, а над 60% од нив немаат соодветни можности за да закажат преглед преку дигиталната платформа. Помалку од 20% од Ромките биле на редовен превентивен гинеколошки преглед во последните 12 месеци.
Овие податоци денес беа презентирани во рамки на истражувањето „Како до унапредување на здравствената заштита на женското репродуктивно здравје и здравствената заштита на мајките и децата од ромските и руралните заедници“, изработено од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ). Истражувањето е спроведено во периодот од септември-ноември во општините Шуто Оризари, Куманово, Делчево и Виница.
Дополнително, 8.3% од бременостите кај Ромките поминуваат без здравствена контрола, додека 20% од бременостите не е направен ниту еден ЕХО преглед. Само околу една третина од Ромките се посетени од патронажна сестра по породувањето. Исто, само една третина од доенчињата на Ромките ги следи педијатар во првите шест месеци по породувањето поради недостиг на матични педијатри.
„Клучните бариери со кои се соочуваат Ромките се недоволен медицински кадар во местата кај што живеат, сиромаштијата, како и недоволна здравствена едукација. Само над половина од Ромките имаат избрано матичен гинеколог бидејќи немаат матичен гинеколог во својата општина, како и поради наплаќањето на услугите од страна на матичните гинеколози. Очигледно е дека наплаќањето од страна на матичните гинеколози претставува сериозна бариера во пристапот на ранливите групи на жени“, велат од ЕСЕ.
„Еднаш гинекологот ми наплаќа 200 денари, еднаш 500, еднаш 1500. Јас немам високи примања, како да одам на гинеколог кога не знам колку ќе ми наплати и дали ќе имам пари да му платам“, вели испитаничка во истражувањето.
Борјан Павловски од ЕСЕ за Радио МОФ вели дека многу мал процент на Ромки ја посетиле мобилната гинеколошка ординација, проект на Министерството за здравство.
„12% жените од руралните средини во Св. Николе ја посетиле, меѓутоа таа била стационирана во градот, а не во селата, па тие се соочиле со проблемот да одат до градот“, вели тој.
Истражувањето на ЕСЕ отвора и второ прашање – репродуктивното здравје на жените од руралните средини. Ова истражување е спроведено во општините Кривогаштани, Долнени, Свети Николе, Куманово и Пехчево.
Имено 32% од жените од рурални средини не посетуваат гинеколог дури ни кога имаат потреба од тоа, а 20.3% од жените не можат финансиски да си ги дозволат гинеколошките прегледи. Во периодот од 2018 до 2021, само 26% од жените во руралните средини биле опфатени во Програмата за скрининг на рак на грлото на матката, додека при 25% од бременостите не е направен ЕХО преглед.
Истовремено, 8% од бременостите поминуваат без ниту една здравствена контрола, додека жените кои одат на преглед прават 5 до 6 здравствени контроли за време на бременоста, наместо потребните 8 до 10 прегледи.
„Оддалеченоста на ординациите на матичните гинеколози од руралните средини, недоволниот број на матични гинеколози во регионите, проследено со финансиските трошоци за пат, како и наплаќањата од страна на матичните гинеколози се клучните причини за оваа состојба“, истакнуваат од ЕСЕ.
Истовремено, жените од руралните средини се несоодветно опфатени со програмата за скрининг на рак на грлото на матката, бидејќи за период од четири години само 26% од овие жени биле опфатени со оваа програма.
„Опфатот со патронажни посети за време на бременоста и по породувањето исто така е недоволен во руралните средини. Здравствените контроли на доенчињата родителите од одредени рурални средини не можат да ги вршат кај педијатар, пред сè поради недостиг од матични педијатри во регионите каде живеат“, потенцираат од ЕСЕ.
Од таму дополнуваат дека е потребен координиран пристап од страна на сите надлежни институции од здравството , меѓутоа и од останатите сектори за да се подобри здравствената заштита на жените, мајките и децата.
Ивана Смилевска