Министерството за здравство наместо за плати и тековни трошоци, средствата од акцизите за цигари, етил алкохол и пиво да ги искористи за обезбедување навремена, квалитетна и целосна терапија за сите лица со ретки болести во земјава, реагира Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Во соопштението до јавноста, ЕСЕ вели дека наместо за намените утврдени со Законот за здравствена заштита, Министерството за здравство потрошило околу милијарда денари добиени од акцизи за плати и оперативни трошоци на Министерството, како и за потребите на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Агенцијата за акредитација и Агенцијата за лекови. Дел од средствата, велат тие, биле употребени и за реконструкција на Јавните здравствени установи и набавка на медицинска опрема.
„Од 2013 до 2015 година се бележи пораст на средствата кои царинската управа ги уплаќала на сметката на буџетот за самофинансирачки активности на Министерството за здравство во просек за 152 проценти на годишно ниво, од нив 47,2 проценти не биле потошени за целите кои се наменети. Во периодот од 2013 до 2015 година, повеќе од една третина од средствата прибрани од акцизите (40,30 %) се потрошени за една програма (Програмата за партиципација за осигурени лица. А пак, средствата од акцизи за Програма за лекување на ретки болести исто така секоја година се зголемуваат (во 2013 година не се издвоени средства, во 2014 година се издвоени 5,2 милиони денари, а пак во 2015 година 75 милиони денари), но и покрај нивното зголемување истите не се трошат во целост , секоја година пропаѓаат и се користат за други намени“, соопштува ЕСЕ.
Резултатите од мониторингот и анализата на Програмата за ретки болести, која во 2015 година ја спровел тимот на ЕСЕ, покажаа дека од 100 проценти износ на акциза која се плаќа по парче цигара само три проценти одат за фондот за ретки болести.
„26.384.386 денари, средства прибрани со наплата на акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари, се трошат за едукација на медицинскиот персонал, што не е во согласност со Законот за здравствена заштита. А пак, Владата на РМ и Министерството за здравство немаат јасни критериуми за распределба на средствата од акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари по однос на секој од приоритетите утврдени со Законот за здравствена заштита“, велат од ЕСЕ.
Исто така, дополнува Здружението, буџетот во Програмата за ретки болести за лекување на лица со ретки болести се менува и намалува често.
„Во 2015, 2016 и 2017 година буџетот на програмата за ретки болести е изменет вкупно четири пати . Во 2015 година, се извдоени 190.000.000 денари, а пак во 2017 година 159.851.302 МКД. Во истиот период потрошени се 90% од извоените средства.Во 2016 година преку програмара се лекуваат 168 пациенти кои боледуваат од 36 различни дијагнози“, реагира Здружението.
На Светскиот ден на ретките болести, ЕСЕ порачуваат до надлежните „да се почитуваат обврските од Законот за здравствена заштита, Министерството за здравство и Владата да ја променат практиката на често менување на буџетот на Програмата за ретки болести во текот на фискалната година, средствата за Програмата во целост да се потрошат, да се осигураат дека во регистерот на ретки болести се евидентирани сите лица кои живеат со ретка болест во земјава и да обезбедат за секоја дијагноза навремена, квалитетна и целосна терапија“.