Некој ќе рече дека неправдите се нормална работа на која треба да се навикнеме. Е па, јас не мислам така!
„Неправдата насекаде е закана за правдата“ – Мартин Лутер Кинг
Неправдата постои откако е создаден светот, тешко се победува, но тоа не значи дека треба да се откажеме од потрагата по правда или, уште пострашно, да замолчиме и да бидеме неми набљудувачи.
Од многу неправди со кои сум се сретнала досега како средношколка и спортистка, решив да обелоденам само некои од нив. Некој ќе рече дека неправдите се нормална работа на која треба да се навикнеме, бидејќи се тие неизбежен дел од нашиот живот. Е па, јас не мислам така!
Во спортот, судиската одлука е последна, а дали е праведна или не – ретко кога може да се докаже.Тоа го знам од лично искуство. Се најдов во една таква ситуација на одбојкарски турнир каде што стануваше збор за мала разлика во поените и се разбира, борба за победа. Судиите нè оштетија при натпреварот подарувајќи ѝ поен на спротивната екипа. Со таа одлука ние го изгубивме натпреварот. Бевме револтирани, се буневме, но сè беше попусто. Уште и се најдовме во ситуација некоја од нас да биде исклучена, затоа што, баравме праведно судење!
Но, знаете како велат, каде што има сила – нема правдина…
Исто како и на спортскиот терен, и во секојдневниот живот неправдите можат да донесат многу поголеми штети од еден изгубен натпревар. Безгрижните училишни денови, па дури и другарството можат да бидат разнишани кога возрасните ја тераат својата работа во стилот „ќе биде како што ќе кажам јас“.
Честопати професорите знаат да стават поголема оценка некому кој не ја заслужил, го оправдуваат отсуството од училиште и непримерното однесување на поединци, по што доаѓа до нетрпение и расправии меѓу соучениците.
Ваквите свесно направени потези од позиција на моќ ретко кога наидуваат на отпор од страна на учениците, кои оправдано се плашат за својата иднина во училиштето. Па така, најчесто повеќето од нив се повлекуваат и не сакаат да учествуваат во расправиите и во докажувањето на неправдата. За среќа, иако сме малку на број, упорно и жестоко продолжуваме да го креваме својот глас, со цел, да излезе правдата на виделина и никој да не биде оштетен.
За жал, сè повеќе мои врсници нанесуваат неправда без да помислат на последиците од своето однесување. Многу често случувањата во општеството со голема леснотија се пресликуваат во животот на младите.
Тоа е она што ме разочарува, но и ме поттикнува да се борам со сите мои сили да не бидам нем набљудувач на случувањата и со тоа да не дозволам неправдата да стане дел од моето живеење.
Го завршувам мојот прв обид за пишување есеј и не можам, а да не се согласам со Сенека кој смета дека „ниту една голема неправда не трае долго“, но и со Достоевски кој е убеден дека „со неправда можеш светот да го поминеш, но назад не можеш да се вратиш“.
Затоа, секогаш и секаде треба да се бориме против неправдата, но и да внимаваме самите да не паднеме во нејзината стапица.
Ивана Владимирова
(авторката е средношколка)
Програмата „Млади промотори на слобода на изразување“ ги поттикнува младите луѓе преку есеи, мултимедијални продукти и кампањи што сами ги осмислуваат да бидат активни граѓани кои се борат за слободата на изразување, а против говорот на омраза, стереотипизирањето и етикетирањето. Авторите на есеите, мултимедијалните продукти и на кампањите се средношколци и студенти кои штотуку стапнуваат на јавната општествена сцена и бараат слободен простор за себе и за своите ставови. Повеќе информации за активностите во проектот може да добиете на http://www.mof.mk/izrazise/
Проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), го реализираат НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум. Содржината на текстовите е единствена одговорност на НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската Унија.