Корисниците на парно греење во Скопје потребно е да склучат нови договори за снабдување со топлинска енергија со новиот снабдувач, заради регулирање на потрошувачкиот однос на снабдувачот со потрошувачите утврден во Правилата за снабдување со топлинска енергија, соопшти денеска Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) Снабдување со топлина.
„За таа цел потрошувачите на чии име се води парното греење во домот/објектот, потребно е да се обратат во пунктовите на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, каде во куса постапка ќе им биде приложен на потпис Договор со новиот снабдувач, кон кого ќе ја имаат обврската за плаќање на услугата. Договорот е ист како и досега, и е одобрен од Регулаторната комисија за енергетика. За склучување на договорот потребно е да се понесе документ за лична идентификација и фактура или копија за топлинска енергија од претходниот снабдувач“, се посочува во објавата на ЕСМ на Фејсбук.
Оттаму истакнуваат дека постојат три пункта со работно време од понеделник до петок од 8 до 18 часот и сабота од 9 до 13:30 часот, на локациите:
- Центар на ул. Кочо Рацин бр.33 – Олимписки базен,
- Исток на ул. Јане Сандански бр. 49-н.Аеродром
- Запад на ул. Лондонска бр. 8-н.Тафталиџе
Центар за грижа на потрошувачи е достапен на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.
Од ЕСМ велат дека корисниците можат веднаш да пристапат кон пунктовите со цел склучување на договорите. Дополнително, тие посочуваат дека ќе им овозможат на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската.
„Доколку од различни причини не успеат да склучат нов договор до крајот на месецот, греењето непрекинато ќе се испорачува и во ниеден момент испораката нема да биде загрозена. Корисниците кои нема да ги склучат договорите по овој повик, ќе бидат контактирани од снабдувачот ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, со цел да се изнајде термин соодветен за потрошувачите за склучување на договорот, со оглед на тоа што одредени корисници може да бидат отсутни во следниот период, или од различни лични, здравствени и други причини да не можат да се јават на пунктовите. ЕСМ Снабдување ќе воспостави директни контакти, додека за корисниците кои не можат да ги напуштат своите домови ќе им излезе во пресрет и ќе им овозможи Договорот да го склучат во нивниот дом“, додаваат од ЕСМ.
Истовремено, оттаму информираат дека не е правно возможно преземање на постоечките договори со претходниот снабдувач, односно единствено можно да се склучат нови договори.
Новиот снабдувач во следниот период, најавува дека ќе воспостави и сопствен систем за онлајн наплата.