Естонскиот парламент гласаше за легализирање на истополовите бракови, јавува Евроњуз. Премиерката Каја Калас вели дека новиот закон ќе стапи на сила следната година.
Потегот доаѓа само два месеци откако новата либерална коалициска влада во земјата стапи на функција и девет години откако земјата гласаше за воведување истополови граѓански заедници.
Во април, премиерката Калас вети дека ќе донесе закони за истополови бракови „што е можно побрзо“.
„Горда сум на мојата земја. Градиме општество во кое се почитуваат правата на сите и луѓето можат слободно да сакаат“, рече Калас.
„Горди сме што станавме првата балтичка земја која ги легализираше истополовите бракови“, додаде министерот за надворешни работи, Маргус Цакна.
За време на гласањето во естонскиот парламент, 55 пратеници гласаа за, а 34 против.
Ставот за истополовите бракови во земјата драматично се промени од 2012 година, според естонскиот Центар за човекови права. Според центарот, 53% од Естонците во моментов ја поддржуваат брачната еднаквост. Ова е за шест процентни поени повеќе од пред две години и нагло зголемување од 2021 година кога поддршката беше на само 34%.