Сопственикот на спорната парцела кај Мајчин дом, Фатмир Етеми потврдува дека ќе гради деветкатница меѓу булеварот и планираната Градска болница во Аеродром.
Според него, зградата ќе биде целосно енергетски ефикасна, со вертикално и хоризонтално зеленило и посебен систем за одржување, а ќе вложат средства и во изградба на нов парк во општината.
„Ова е наш придонес за општината и граѓаните. Нашата компанија е општествено одговорна и сакам да обезбедиме подобри услови за живеење во Аеродром. Стојам на располагање и за други еколошки проекти во општината и во процесот сум спремен целосно да ги вклучам граѓаните“, вели Етеми.
Во соопштението од компанијата „ЗСФ-КОМ“, чиј сопственик е Етеми, се наведува дека во разговор со надлежните институции заклучено е дека нема начин да му се надомести штетата која е проценета на повеќе од осум милиони евра или да му се обезбеди заменска парцела со приближна вредност.
Зградата кај Мајчин дом, тврдат од компанијата, ќе биде целосно енергетски ефикасна, со вертикално и хоризонтално зеленило и посебен систем за одржување.
„Дополнително инвеститирот ќе обезбеди 100 високоизраснати дрва и целосно партерно уредување на плацот околу Мајчин дом“, се наведува во соопштението.
Ова соопштение доаѓа откако вчера откако вчера Уставниот суд не поведе постапка за поднесените претставки за оценка на уставноста и законитоста на ДУП И10.
Постапката за донесување на ДУП, според Уставен, била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање. Уставните судии укажаа дека тие ја ценат постапката, а не содржината на планови или нивна усогласеност со други планови. Од апект на Судот, ДУП И10 е согласно закон и Устав.
Општина Аеродром, пак, општина соопшти дека е обврзана да ја почитува одлуката на судот и се исцрпени сите механизми за да се стопира изградбата на објектот.
„Штетите од претходното општинско раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ во однос на урбанистичкото планирање се веќе направени. Градоначалникот Златко Марин и новото општинско раководство остануваат цврсто на заложбите за зголемување на зелените површини и гарантирање похумани услови во општината“, соопшти општината.
Дополнително, Општина Аеродром е во процес на создавање партиципативно тело за урбанизам, со што им овозможува на граѓаните, здруженијата и на стручните лица директно учество во урбанистичко планирање на населбата.
Во однос на мораториумот за градење, Општина Аеродром останува на ставот дека тој воопшто нема да го реши проблемот, туку само дополнително ќе ја искомпликува целата состојба.
„На сметка на ова Опшината може да трпи и финансиски штети, што значително ќе се одрази врз работењето и е спротивно на интересите на граѓаните. Мораториумот не му го одзема правото на сопственикот да гради, не го оспорува носењето на ДУП-от и не влијае врз маркицата за градба. На овој начин само се блокираат сите други неспорни градби и тековни работи во Општината“, се наведува во соопштението од Аеродром.
Инаку, аеродромци на неколку пати протестираа кога се носеше спорниот ДУП И10, а протестираа и изминатиов период против изградбата на висококатница, за која сметаат ќе влијае врз квалитетот на живот во општината. Според аеродромци, клучно e граѓаните да се борат за сочувување на зеленилото, односно, како што рекоа, она видливото зеленило во Аеродром, а не само она внесено во планерските документи. Тоа им било ветено – тоа и го бараат.