Етно „Зборле“, фото-конкурс и музичка изведба за Меѓународниот ден на антропологијата

Со Етно „Зборле“, изведба на песната „People are Strange“ од „The Rolling Etnos“ и бирањето на победниците од Инстаграм фото конкурсот за средношколци, насловен #НашитеСветови, Институтот за етнологија и антропологија – Скопје, реши да го одбележи 17 февруари, Меѓународниот ден на антропологијата.

Професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, УКИМ вели дека овие активности се спроведуваат со цел да се промовираат дисциплините, како и студиите (додипломски по Етнологија и антропологија и Менаџмент и заштита на културно наследство, магистерски и докторски), на Институтот.

„Овие дисциплини се значајни за запознавањето на сопствената култура, развивање сензибилитет за културите на другите, однос кон традицијата и културното наследство – сите карактеристики кои се важни и за некој кој не студира(л) етнологија и антропологија, а особено за нашите идни и сегашни колеги“, објаснува Јакимовска.

Во етно верзијата на популарната верзија на играта „Зборле“, правилата се исти, но со етно „твист“. За погодување на зборот, играчот има шест обиди, а треба да се погодуваат архаизми, дијалектни изрази, како и термини поврзани со обичаи и верувања, од пет букви.

„Бидејќи кодот на играта е бесплатен и слободен за користење не беше премногу тешко да се направи, но сепак бараше ангажман од програмер, пријател на наша колешка. Оваа верзија засега има само седум зборови за седум денови, но доколку постои интерес би можела да се збогати со нови“, нагласува Јакимовска за етно верзијата на „Зборле“.

Вчерашниот збор на етно „Зборле“

Луѓето се чудни

Студентите од Институтот, под името „The Rolling Etnos“ ја изведоа песната „People are strange“, во соработка со нивни пријатели и музички соработници.
„Луѓето се чудни, кога си чуден (необичен, туѓ, странец). Лицата изгледаат грдо кога си сам“, вели славната песна на „The Doors“, а од Институтот додаваат дека „и Џегер би имал мерак за локум на јазикот.

Со оваа изведба, студентите решија да испратат порака за заедништво и почит кон „туѓите“ и „чудните“.

#НашитеСветови

Во рамки на натпреварот ќе бидат наградени три фотографии, кои најдобро ќе доловат како изгледа секојдневието на генерацијата и на луѓето кои не опкружуваат.

Во жири-комисијата за избирање на трите најдобри средношколски фотографии, учествуваат професионалниот фотограф Сашо Алушевски, професорката по визуелна антропологија и раководителка на Институтот, Илина Јакимовска и Еда Старова Тахир, асистентка на институтот. На фото-конкурсот пристигнале 150 фотографии.

Првата награда од фото конкурсот ја доби Симона Жиковиќ, СУГС „Орце Николов“, за фотографијата со наслов „ (Dis)connected“.

Првонаградената фотографија (Dis)connected, Симона Живковиќ, СУГС „Орце Николов“

Втората награда ја освои  Дејана Павловска СОУ „Св. Кирил и Методиј” – Неготино за фотографијата со наслов „Игра“.

Второнаградената фотографија „Игра“ на Дејана Павловска, СОУ „Св. Кирил и Методиј” – Неготино

Третата награда од фото-конкурсот падна во рацете на Ивана Грујиќ, СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија за фотографијата „Виножито“.

Третонаградената фотографија „Виножито“ на Ивана Грујиќ, СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија

Дополнителни

#ИмашЛиПоим

Од Институтот ја започнале и кампањата #ИмашЛиПоим, каде преку  серија постови на социјалните мрежи  накратко и сликовито се објаснуваат клучните поими на  дисциплините и најважните претставници.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by IEA (@etnoantropo)

Ивана Смилевска