Во 2021 година, Северна Македонија се охрабрува значително да ги засили амбициите кон спроведување на Парискиот договор за климатски промени, да ги донесе Законот за клима и Сеопфатната стратегија за климатска акција во согласност со Рамката на ЕУ 2030, како и да развие Национален план за енергетика и клима, се задолженијата кои ги добија македонските власти од Европската Комисија во минатогодишниот Извештај за напредокот на земјава, објави Мета.
На прашањето кои од задолженијата што ни ги постави ЕУ за годинава досега се исполнети, од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) велат дека Долгорочната стратегија и Законот за климатска акција се во завршна фаза на подготовка, а предвидено е Владата да ги донесе пред крајот на годинава. Идејата е предложениот закон да реагира и да ги транспонира тековните законодавства за климата и законски обврзувачките обврски за земјата.
„Законот за климатска акција е замислен како рамковен закон, што значи дека ја обезбедува основата на климатските активности и дава ориентација; не ги регулира сите детали или аспекти на климатските промени. Тој се спроведува преку секундарно законодавство“, велат за „Мета.мк“ од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Сепак, тие додаваат дека законот нема за цел да ги предвиди случувањата за климатска акција за кои во моментов се дебатира во ЕУ, кои се однесуваат за целите за наредните децении. Од министерството велат дека законот ќе биде флексибилен за да може да се адаптира на новите претстојни барања, односно во него би се додаде дополнителни цели, пристапи и инструменти во согласност со пристапувањето на земјава кон ЕУ.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека Законот за климатска акција ќе даде основа за воспоставување на различни инструменти, како што е оданочувањето на емисиите на јаглерод, кое би се засновало на темелна анализа и специфични правила.
„Законот за климатска акција ја транспонира шемата за трговија со емисии (Директива ETS) до каде што може. Дава правила за дозволи за емисии на стакленички гасови и обврски за следење и известување за стакленички гасови од страна на операторите (од индустријата и авијацијата). Надлежноста на МЖСПП и главните процедурални правила се јасни во законот за климатска акција. Се предвидуваат дополнителни подзаконски акти. Сите овие активности се разгледуваат во Нацрт-акциониот план за првата фаза на спроведување на законот“, велат од МЖСПП.
Како и во многу други општествени сфери, со новиот закон С.Македонија нема да ги одбере правилата за учество во шемата на трговија со емисии како земја-членка на ЕУ, туку е одбрана опцијата земјава да се подготви за учество во ЕУ Директивата ETS. Станува збор за директива која е клучниот камен-темелник во имплементацијата на европската политика за намалување на емисиите на стакленички гасови.
Оваа шема на трговија со емисии во земјите-членки на ЕУ, заедно со Лихтенштајн, Исланд и Норвешка, ги ограничува емисиите на гасови на околу 10.000 инсталации од енергетскиот сектор, производствената индустрија и авиосообраќајот, со што се прави обид да се регулираат дури 40 отсто од емисиите на стакленички гасови на ЕУ. Ваквите објекти се ограничени во количеството на емисии на стакленички гасови, првенствено јаглерод диоксид, што може да ги емитуваат, при што вкупните емисии со текот на годините треба да опаѓаат. Пристапот е базиран на пазарни услови за контрола на загадувањето, преку обезбедување стимуланси кои водат кон намалување на емисиите од овие загадувачи.
Покрај Законот за климатска акција и Долгорочната стратегија, во финална фаза на изработка е интегрираниот план за енергија и клима, којшто е процес управуван од Министерството за економија. Од Министерството за животна средина и просторно планирање објаснуваат дека Националната стратегија за развој на енергетика до 2040 година е целосно усогласена со нацрт-Националниот план за енергија и клима (NCEP), кој определува до 2040 година земјава да ги намали за 61,5 отсто емисиите на стакленички гасови наспроти 2005 година, да го зголеми уделот на обновливите извори на енергија до 45 отсто во бруто потрошувачката на финална енергија и да го намали процентот на примарна потрошувачка на енергија за 51,8 отсто и на крајна потрошувачка на енергија за 27,5 отсто наспроти референтното сценарио.
Како што веќе пишуваше „Мета.мк“, земјава го ратификуваше Парискиот договор за климатски промени потпишан пред пет години, со кои земјите-потписнички на Рамковната конвенција за климатски промени на ООН се обврзаа да го одржат зголемувањето на глобалната просечна температура под 2 целзиусови степени над прединдустриските нивоа, настојувајќи да го ограничат зголемувањето до 1,5 степени. Наспроти ова, С.Македонија изминатава деценија без исклучок се соочува со зголемени температури и до 2 целзиусови степени во однос на просечната средногодишна температура на воздухот измерена во населените места.