Европската унија ја казни компанијата Гугл, која ќе мора да плати рекордни 2,42 милијарди евра поради кршење на антимонополските закони, пренесува B92.
Одлуката следи по седумгодишна истрага за алгоритмите за пребарување на американската компанија, што кулминираше со пресудата дека Гугл ја „злоупотребил својата доминантна позиција со систематско фаворизирање“ на сопствената услуга за споредба при купување.
Главната цел на овој случај е Гугл шопинг, функција за споредба на цени вградена во пребарувачот на компанијата. Се наведува дека Гугл им ги покажувал на корисниците резултатите од купувањата на Гугл, со што го ускратувал сообраќајот до ривалските сајтови за споредба на цените. ЕУ тврди дека бидејќи Гугл е толку доминантен во Европа, не треба да му се дозволи активно да ги поткопува конкурентите.
Како дел од одлуката, Гугл ќе треба да го промени начинот на кој неговиот алгоритам за пребарување ги рангира веб-страниците, со цел да се придржува до едноставниот принцип за давање еднаков третман на ривалските шопинг услуги во споредба со сопствената услуга.
Доколку не ја прекине досегашната практика, ЕУ посочува дека Гугл се соочува со дневни казни до пет отсто од просечниот дневен сообраќај на компанијата.
Американската компанија во моментов се соочува со уште две истраги во ЕУ против монопол: едната е фокусирана на бизнисот Гугл АдСенс, а другата на зделките што ги склучува со производителите на телефони со Андроид.
ЕУ има моќ да го казни Гугл до 10 отсто од годишниот приход на компанијата (околу 9 милијарди долари) во секоја од овие истраги. Последната пресуда отвора можност и за други компании да поднесат тужби против Гугл.