Околу 193 милиони лица биле во „акутен“ ризик од глад во 2021 година, што претставува рекордна бројка, а експертите предупредуваат дека војната во Украина ќе придонесе за влошување на ситуацијата оваа година, се наведува во заедничкиот извештај на Европската Унија (ЕУ) и Обединетите нации (ОН).
Акутната несигурност на храна се дефинира како толку сериозен недостиг на храна што го става животот или егзистенцијата на една личност во непосредна опасност.
Глобалниот извештај за прехрамбената криза, составен од Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), Светската програма за храна (ВФП) и ЕУ, ја следи ситуацијата од 2016 година, кога околу 108 милиони луѓе беа погодени од акутна несигурност на храна.
Минатогодишната бројка од 193 милиони е зголемување за околу 40 милиони во однос на 2020 година.
Сепак, дел од зголемувањето се должи на фактот што последниот извештај опфати поширок примерок на населението.
Минатата година најпогодени беа Демократска Република Конго, Авганистан, Етиопија, Јемен, Нигерија, Сирија, Судан, Јужен Судан, Пакистан и Хаити.