Печатите во пасош се гордост за многу патници, како еден вид потврда за нивните авантури низ годините. Но овие обележја наскоро ќе станат минато кога ќе влегувате во Шенген зоната.
Новиот автоматизиран Систем за влез и излез (ЕЕС), кој ќе започне да се применува во ноември 2023 година ќе ги регистрира посетителите кои доаѓаат од земјите кои не се членки на ЕУ дигитално и нема да има потреба од физички печати во патните исправи.
„ЕЕС ќе го замени сегашниот систем на рачно ставање печати на пасошите, што одзема време, не обезбедува сигурни податоци за преминување на граница и не овозможува систематско регистрирање на оние кои го надминале дозволениот рок за престој“, се наведува во соопштението на Одделот за миграција и внатрешни работи на Европската комисија.
ЕЕС ќе биде автоматизиран ИТ систем за регистрирање патници од трети земји кои можат безвизно да патуваат во Шенген зоната или пак имаат визи за краткорочен престој.
Секојпат кога едно лице ќе ја премине надворешната граница на ЕУ системот ќе го регистрира неговото име, типот на патнички документ, биометриските податоци (отпечатоци на прсти и изглед на лицето), како и датум и место на влезот и излезот. Исто така овој систем ќе ги регистрира и одбивањата за влез во ЕУ.
Надежите се дека автоматизирана проверка на граничната контрола и самоуслужни системи ќе ја зголемат безбедноста во ЕУ и ќе бидат побрз начин патниците да ја минуваат границата. Сепак, авионската индустрија и неколку земји веќе предупредија дека недоволната подготвеност може да предизвика одредени проблеми кога системот ќе стапи на сила.
ЕЕС системот првично требаше да профункционира во 2022 година, но беше одложен за мај 2023, а потоа уште еднаш одложен за ноември.
Според новиот систем патниците кои безвизно можат да патуваат во Шенген зоната ќе мораат да пополнат дозвола за патување онлајн низ Европскиот систем за патнички информации и дозволи (ЕТИАС). Ова треба да биде фазно воведено во моментот кога ЕЕС ќе стане функционално.