Лидерите на Европската Унија воведоа нови економски санкции против Белорусија и нивниот национален авиопревозник по присилното приземјување на авионот на „Рајанер“ за да се уапси критички новинар.
Во заедничкото соопштение, ЕУ побара и итно ослободување на опозицискиот блогер и новинар Роман Проташевич и неговата девојка Софиа Сапега. Меѓу новите санкции се и забрана за белоруските авиони да го прелетуваат воздушниот простор на ЕУ, а ги повикаа и авиопревозниците од Унијата да го избегнуваат прелетувањето над оваа држава.
26-годишниот Проташевич се наоѓал на лет од Грција за Литванија, кога белоруските власти го пренасочиле авионот поради наводна експлозивна направа во леталото. Западните држави ја обвинија Белорусија за „заплена“ на авионот.
Вчера белоруските служби објавија видео од Проташевич на кое тој ги признава делата за кои е обвинет, како тероризам и поттикнување нереди. Во видеото, новинарот вели дека е во добро здравје и дека добива добар третман во притворот.
Сепак активистите го критикуваа овој видео-клип со тврдење дека Проташевич бил присилен да ги признае делата од обвиненијата против него.
Таткото на Проташевич за Би-Би-Си изјавил дека стравува дека во белорускиот притвор се врши тортура врз неговиот син.
„Се надеваме дека ќе издржи. Се плашиме и да помислиме на тоа, но можно е тој да бил тепан и да му се вршела тортура. Навистина се плашиме од тоа. Шокирани сме и вознемирени. Вакво нешто не смее да се случува во 21-от век, во центарот на Европа“, изјавил таткото на уапсениот новинар.
Синоќа инцидентот го осуди и американскиот претседател, Џо Бајден, кој операцијата на белоруските власти за апсење на Проташевич ја нарече „директно кршење на меѓународните норми“.
Авионот на релација Атина – Вилнус се наоѓал во воздушниот простор на Белорусија и пред да влезе во Литванија пилотот бил принуден да го смени правецот, по информации од белоруските власти дека леталото содржи експлозив, иако по слетувањето ништо не било пронајдено во авионот. Според податоци од сајтот „flightradar24.com“ авионот бил пренасочен само две минути пред да влезе во литванскиот воздушен простор. По приземјување од 7 часа во Минск, авионот конечно повторно полетал и безбедно слетал во Литванија.
По реизборот на Лукашенко на оспорените претседателски избори во август минатата година, во Белорусија започнаа масовни протести поради сомнежи за фалсификат, како и поради авторитарната власт во земјата. Властите активно се обидуваа да го задушат ова јавно незадоволство, при што илјадници луѓе беа уапсени, меѓу кои и многу новинари.