Европската Унија се согласи на историска регулатива со која за првпат се регулира индустријата на криптовалути, чиј крах изминативе недели избриша стотици милијарди долари од парите на инвеститорите и предизвика повици за построг надзор на овој пазар.
На преговорите беше договорена нацрт-верзијата на крипто регулацијата која ќе биде позната под името Пазари во крипто-средства (Markets in Crypto Assets – MiCA).
„Денеска ставаме ред во `дивиот запад` со крипто средствата и поставуваме јасни правила за хармонизиран пазар“, изјави Стефан Бергер, водечкиот правник кој ја подготви регулативата, пренесе Еуроњуз.
Во неговото соопштение се наведува дека новите крипто-правила „ќе овозможат хармонизиран пазар, ќе обезбедат правна сигурност за издавачите на крипто-средства, ќе гарантираат еднакви правила за сите дејности и ќе обезбедат високи стандарди за заштита на потрошувачите“.
Како што се случи со ЕУ политиките за заштита на податоците, кои де факто станаа глобален стандард, и овие крипто регулации се очекува да имаат големо влијание низ целиот свет.
„Правилата на ЕУ се прва сеопфатна крипто регулатива во светот. Мислам дека ќе има уште многу други правни системи кои детално ќе разгледаат како ЕУ го реши ова прашање, бидејќи тие се првите“, изјави Патрик Хансен, советник за криптовалути, додавајќи дека очекува властите во помалите земји да усвојат слични правила како овие од ЕУ, со евентуална промена на некои мали детали.
Според новата регулатива, трговците, брокерите и другите крипто компании ќе мора да следат строги правила насочени кон заштита на потрошувачите. Компаниите кои издаваат или тргуваат со крипто средства, како што се „стејблкоините“ – кои вообичаено се поврзано со доларот или со златото, со што се помалку подложни на драстични промени од обичните криптовалути – ќе се соочат со строги процедури за транспарентност со кои од нив ќе се бара да обезбедат детални информации за ризиците, трошоците и провизиите за потрошувачите.
Правилата треба да помогнат на новите крипто-инвеститори да избегнат да станат жртва на измами, за кои регулаторите предупредуваат дека се доста распространети во оваа индустрија.
Со новите правила се опфатени услугите поврзани со Биткоинот, но не и самиот Биткоин, најпознатата криптовалута во светот, која од ноември минатата година изгуби повеќе од 70% од својата вредност.
ЕУ регулативата го опфаќа и прашањето околу проблемот со јаглеродниот отпечаток оставен од „рударењето“ криптовалути, кое одзема големи количини струја. Крипто-компаниите сега ќе мораат да откријат која е енергијата која тие ја користат и информациите околу нивното влијание врз климата и животната средина да ги објават јавно. Од ова правило се исклучени уникатните токени (НФТ), кои од лани станаа многу популарни.
Според регулаторите, новите правила се насочени кон одржување финансиска стабилност – што е растечка загриженост по неколкуте крахови на пазарите, поврзани со криптовалутите. На пример „стејблкоинот“ ТераУСД безмалку ја изгуби целата своја вредност минатиот месец, со што беа збришани околу 40 милијарди долари пари на инвеститорите без речиси никаква одговорност.
ЕУ исто така начелно договориле и дека трансферот на криптовалути ќе потпаѓа под истата регулатива како и перењето пари преку традиционални банкарски трансфери. ЕУ институциите во следниот период треба да работат на техничките детали пред овие правила да го добијат конечното одобрување.