Компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ прати соопштение во кое вели дека го поддржува формирањето на Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) како значаен контролен механизам за јакнење на улогата на надлежните државни институции за заштита на животната средина, објави Мета.
Компанијата, која сака да отвори рудник во струмичко, објави став дека е подготвена за соработка и дека активно ќе биде вклучена во унапредување на македонскиот граѓански сектор.
„Еуромакс Ресоурцес“, велат од компанијата, како инвеститор на рударскиот комплекс за бакар „Иловица – Штука“ и самите веќе предложиле формирање на независно мониторинг тело, што ќе ја зајакне улогата на државните институции, односно ќе придонесе за враќање на довербата на граѓаните во системот.
„Апелирам до сите релевантни чинители од граѓанскиот сектор, надлежните државни институции и експертите од науката, заедно да работиме на креирање на доверба со што ќе ги неутрализираме шпекулативните и манипулативни дезинформации кои доминираа во медиумскиот простор, демонизирајќи го нашиот проект. Да потсетам, за да обезбедиме транспарентност и отчетност, во неколку наврати предложивме да се формира постојано, независно мониторинг тело, односно независна надзорна комисија главно составена од претставници на локалното население, локалните управи, граѓанскиот сектор и академските експерти. Ваквото надзорно тело би функционирало активно за цело времетраење на работниот циклус на рударскиот комплекс, правејќи независни анализи и тестирања на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти“, вели д-р Живко Груевски, одговорен за комуникации и односи со јавноста во „Еуромакс Ресоурцес“.
Активистите од организацијата „Здрава котлина“, пак, кои се дел од новиот Граѓански инспекциски совет, и кои веќе неколку години се се борат против идејата за изградба на рудник во нивната средина, велат дека не ги интересира мислењето на „Еуромакс“, бидејќи е задоцнето.
Оттаму додаваат дека се чека последната одлука на Управниот суд, за која веруваат дека ќе биде во нивна корист и со која ќе се потврдат претходните одлуки на Владата и Министерството за економија за одбивање на барањето на дозволата за работа и одземање на концесијата.
„Нивната приказна е завршена“, вели Костадин Ристоманов од „Здрава котлина“.
Јавноста, велат од организаицјата, досега без ГИС немаше никаков увид кој и врз основа на кои факти дал позитивно или негативно мислење во елаборатите за оценка на влијанието на животната средина, клучен документ во добивањето на концесии. Сега тоа е променето, па граѓанските активисти имаат дозвола од Државниот инспекторат за животна средина за увид во нивното работење.
„Еуромакс сака јавноста да мисли дека нема што да крие и дека технологијата за која се залага е чиста, како и дека фактот што се формираше ГИС никако не ги засегнува, туку сакаат да си го обелат образот пред јавноста. Но, сепак, треба да се знае дека ГИС и Здрава Котлина како дел од него бараат да имаат увид и да прават ревизија и на досега дадените позитивни мислења за концесии за кои има сомнеж дека е направена злоупотреба“, посочува Ристоманов и повторува дека рудник во струмичко нема да дозволат да има.