European Youth Press: Повик за учество на семинар за дигитални медиуми во Белград

European Youth Press објави јавен повик за учество на семинар за медиумска писменост и дигитални медиуми кој ќе се одржува од 26 септември до 2 октомври во Белград.

Настанот насловен „Мaking Twitter Length News: media literacy in the digital media“ е отворен за младите во медиумите, за новинари и блогери заинтересирани за социјални медиуми, кои сакаат да ги дополнат своите знаење за верификацијата на факти, за користењето на социјалните мрежи во пронаоѓање стории, слободата на изразување, како и за медиумската писменост.

Право на учество на шестдневниот настан во Белград ќе добијат 65 учесници кои ќе следат серија од практични работилници со цел да ги подобрат своите вештини, ќе учествуваат во дебати и панел дискусии за важни медиумски теми и ќе работат на конкретни задачи.

 

Апликантите треба да имаат помалку од 30 години (мал процент на постари кандидати ќе добијат можност за учество), да бидат државјани на Ерменија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Чешка, Македонија, Германија, Молдавија, Црна Гора, Полска, Шведска или Србија, со одлично познавање на англискиот јазик и медиумско искуство.

 

Организаторот ќе ги покрие трошоците за сместување, храна и материјали за семинарот, како и 70-100% од патните трошоци. Партиципацијата за учество е 15 евра, освен за кандидатите од земјата домаќин.

Заинтересираните учесници може да аплицираат на овој ЛИНК, најдоцна до 20 август.

 

Проектот се имплементира во соработка со Националниот младински совет на Србија (KOMS) и е кофинансиран од програмата Ерасмус+ на Европската Унија.