Познатата „евро“ скулптура која се наоѓа пред поранешната Централна европска банка (ЦЕБ) во Франкфурт ќе биде ставена на аукција, откако сопствениците информираа дека скулптурата е прескапа за одржување, пренесува „Евроњуз“.
Висока 14 метри, големата сина скулптура моментално е во сопственост на непрофитна асоцијација, но ќе биде продадена на оние кои ќе ја поднесат највисоката цена на аукцијата.
Во соопштение, сопствениците изјавиле дека финансирањето од приватни спонзори веќе не е одржливо, а потребно е скулптурата од 50 тони железо да остане во „безбедна состојба“.
Сопствениците додале дека зголемениот вандализам во последните две години ги потрошил средствата за одржување, дури и оние кои биле наменети за намалување на расизмот и промовирање на евро валутата во училиштата.
Според сопствениците, „евро“ симболот е важно одбележје на Франкфурт, кој исто така е наречен и „град на еврото“. Скулптурата е еден од најфотографираните објекти на централниот германски град.
Делото беше откриено во 2001 година, за да го одбележи воведувањето на европската валута, а е изработено од страна на германскиот уметник Отмар Харл.
Преку соопштение, сопствениците истакнаа дека „веруваат дека ‘евро симболот’ припаѓа на градот Франкфурт“, со што укажуваат дека потребен е поголем труд за да се зачува градскиот симбол.
Аукцијата за скулптурата е планирана во средината на октомври во 2022 година.