„Центар Жупа е убаво место, бидејќи ми е родно место, ама тука нема ништо, нема напредување“, смета средношколката Лејла Емула.
„Во Центар Жупа нема избор, младите мора да си одат од местото во кое живеат и тоа е многу страшно. Ги оставаат своите фамилии за да работат некаде на друго место“, вели револтирано младата Урие Зиберовска.
Лејла и Урие се средношколки во општинската гимназија „АТА“, сместена на планините во близина на Дебар, во општина Центар Жупа. Тие беа дел од групата средношколци што имаше можност да поразговара со евроамбасадорот Самуел Жбогар за време на неговата петочна посета во овој реон.
Лејла наставата ја следи на турски, Урие на македонски јазик. Но, освен што имаат различен мајчин јазик го делат истото секојдневие и начин на живот. Како и желбата да заминат од родното место, на место кое ќе им понуди подобри услови за живот, исто како и најголем дел од своите соученици.
Соочен со ваквите изјави на средношколците, евроамбасадорот забележа дека постои еден вид паника кај младите за напуштање на земјата. Не мора да заминете бидејќи може да се успее и во Македонија, им порача евроамбасадорот.
„Одењето во странство е убаво, но кога ја напуштате земјата, каде и да одите сте странец. Ги немате вашите блиски, вашето социјално опкружување. А и во Македонија постојат добри шанси да се живее убаво, треба да се работи на тоа и да се бара тоа од политичарите, да се врши притисок за да овозможат подобри услови“, истакна Жбогар.
Прашани што е потребно за да им биде подобро, средношколците беа тивки. „Сè недостига“, полугласно шепотеа. Похрабрите побараа курс по англиски јазик, но и некој да ги организира за да можат да им помогнат на сиромашните во нивната општина.
„Тука финансиските проблеми се многу големи и затоа сите патуваат во странство. Да останат во Центар Жупа ќе беше многу поинаку. И училиштето ќе беше многу поголемо“, објаснува Лејла за Радио МОФ.
Во гимназијата „АТА“ учат осумдесетина средношколци, а наставата се следи на македонски и турски мајчин јазик. Англискиот го владеат скромно, но затоа италијанскиот им е помал проблем, бидејќи од овој дел на земјата многумина печалбари живеат во Италија.
„Колку време ќе трае влезот на Македонија во Унијата“, праша еден од средношколците збунувајќи го евроамбасадорот со својот солиден италијански јазик. Други прашуваа дали промената на името е доволен чекор за да станеме дел од европското семејство, но и кога ќе се случи тоа.
Тоа може да потрае, рече Жбогар, избегнувајќи да даде конкретен рок.
„Лани министрите дискутираа за влезот на МК во ЕУ и се сметаше дека ако продолжи земјата на патот на реформите, во јуни најверојатно ќе добие препорака да се отпочнат преговорите. Но, она што понатаму треба да се случи, е што ќе има многу работи кои ќе треба да се средат. На пример голем проблем ќе биде животната средина. Состојбата со животната средина во земјата е доста лоша и нема да може брзо да се среди бидејќи ќе бидат неопходни големи инвестиции кои можеби ќе одземат време. Па тоа поглавје ќе се одолговлече“, рече Жбогар, појаснувајќи дека постојат вкупно 35 поглавја кои треба да бидат затворени пред да се случи пристапувањето на земјава во Унијата.
Учениците прашуваа и за новите регулативи на интернет за земјите од ЕУ, за политиките на ЕУ, воведувањето на еврото, како и тоа дали од евроинтеграциите ќе зависи дали ќе има војна или мир на Балканот.
„Единствената опција на балканските земји е да се приклучат на ЕУ, ако не физички, секако во однос на вредностите за да можат и понатаму да опсттојуваат . Уште сега , најголем дел од трговијата меѓу Западен Балкан се одвива со европските земји, 80% од трговјата е со ЕУ, 80% од извозот оди во ЕУ, додека 70 % од инвестициите и донаторската помош доаѓаат повторно од ЕУ. Значи патот на земјите од Западен Балкан е еден, тоа е единствената опција“, истакна Жбогар.
На критиките на средношколците дека сите инвестиции одат во Скопје, а во нивниот регион инвестира само Турција, Жбогар одговори:
„Веќе разговаравме во нашата канцеларија и решивме дека најголем дел од нашата работа што во иднина ќе ја работиме ќе се однесува на општините, Значи на некој начин го менуваме пристапот. Исто така сметам дека и Владата треба да посвети повеќе внимание на децентрализацијата, затоа што се е концентирирано во Скопје. Голем дел од нивните проекти се одвиваат таму, а ако почнат да се развиваат и помалите градови, ќе се одвратат луѓето (од селење), затоа што луѓето од цела Македонија се селат во Скопје, или заминуваат надвор“.
Лејла планира да студира медицина во Турција. Ако не успее, тоа ќе го стори во Скопје. Урие, пак, сака да биде медицинска сестра и ќе се дообразува во Струга. И двете својот живот го гледаат далеку од Центар Жупа.
Ј.Ј.