Европа ги затвора термоелектраните на јаглен, Македонија допрва ќе го увезува за „Осломеј“

Пред две години, над 190 држави се вклучија во здружена борба против климатските промени за заштита на иднината на Земјата. Договорот од Париз ги повика најголемите сили, но и државите во развој како Македонија, да се свртат кон искористување на обновливите извори на енергија, а фосилните горива да станат дел од минатото. Но, Македонија речиси и да не ги искористува овие извори на енергија, а ќе увезува и висококалоричен јаглен кој ќе се согорува во кичевската термоелектрична централа „Осломеј“. Бизнисот и понатаму е поважен од здравјето на граѓаните, оценуваат експертите и еколошките здруженија.

„Осломеј“ е втора термоелектрична централа според инсталирана моќност во Република Македонија која за првпат почнува со работа пред четири децении. Моментално ги користи како основно гориво преостанатите количини од локалниот лигнит од рудникот „Осломеј“. Таа во претходните години речиси и да не работеше, а годинава проработе колку да ја намали загубата.

Иако централата учествува со речиси 10 отсто од вкупното домашно производство на електрична енергија, државата нема намера да се откаже од „Осломеј“. Тоа го потврдува и студијата за модернизација на централата, изработена во 2015 година. Таа го предвидува увозот на јаглен со висока калорична вредност и јасно стои дека една од целите е продолжување на работниот век на ТЕ Осломеј за најмалку 30 години.

Властите уверуваат дека ќе се почитуваат сите еколошки стандарди, но предвидената „модернизација“ на „Осломеј“ во суштина подразбира нов погон кој е спротивно на праксата на другите држави-потписнички на договорот каде централите на јаглен се затвораат. Покрај ова, еколошките стандарди штитат од аерозагадување, но не и од ефектот на стаклена градина, за кој придонесува токму согорувањето на јагленот.

Што е ефект на стаклена градина?

Глобалното затоплување се должи на ефектот на стаклена градина и е проблем поврзан со можните глобални климатски промени предизвикани од зголеменото ниво на ткн. стекленички гасови во атмосферата. Според научниците, зголеменото присуство на овие гасови ќе резултира со глобално покачување на температурата кое, пак би имало бројни негативни, па дури и непоправливи ефекти врз животната средина. Планетата Земја е опкружена од својата атмосфера која е составена од различни гасови. Некои од нив, како на пример јаглерод диоксид, имаат исти својства како стаклените панели на една стаклена градина и не и дозволуваат на топлината да ја напушти планетата. Затоа тие гасови ги нарекуваме стакленички гасови. Понатаму, енергијата од Сонцето ја апсорбираат водите, почвите и живите суштества на планетата. Таа енергија постепено се враќа во атмосферата. Колку повеќе има стакленички гасови, толку повеќе топлина е заробена. Тоа се нарекува ефект на стаклена градина.

За еден од главните стакленички гасови се смета јаглеродниот диоксид, поради фактот што неговото присуство во атмосферата е извонредно големо, особено како резултат на согорувањето на фосилните горива.

Европските држави до 2050 година треба да го отфрлат јагленот до 80 отсто, што значи дека ако Македонија се гледа себеси како дел од Европската Унија, таа мора да се се усогласи со оваа цел.

Невена Смилевска, „Еко свест“

„Ако направиме сега термоелектрана на јаглен, таа ќе работи до 2048 година. Така нема теоретска шанса да се усогласиме“,напоменува Невена Смилевска од еколошкото здружение „Еко свест“.

„Ако е јаглен, не може да не емитува јаглероден диоксид, колку и да е тој намален, така што екостандардите не се директива што се однесува на климатските промени“, додава таа.

Според неа, важно е да се разбере дека енергетиката е вклучена во сите аспекти на економијата. Затоа, смета Смилевска, локалните политики треба да се фокусираат на развој, но не кон тешката индустрија.

Иван Трпески, актуелниот директор за развој и инвестиции на ЕЛЕМ пред да ја добие оваа функција ја изработи анализата насловена „Небезбедна енергетска иднина“ во која го критикува увозот на јаглен и предлага ТЕ „Осломеј“ да премине кон употреба на гас.

„Една од варијантите за зголемување на домашното производство на електрична енергија е увозот на висококалоричен јаглен со енергетска вредност од повеќе од 20 000 кџ/кг. Во РМ не постои капацитет за употреба на ваквото гориво“, стои во неговата анализа објавена пред три години.

Трпески пишуваше дека увозот на јаглен на подолг рок ќе предизвика проблем со потребната инфраструктура бидејќи како што вели „предвидениот начин на транспорт со камиони е неодржлив“.

Официјален коментар од ЕЛЕМ не добивме до објавување на текстот.

Скриените трошоци од увозот на јаглен

Прашање е колку ќе чини таа термоелектрана и колку ќе нè чини нејзиното работење после пристапот во ЕУ кога ќе имаме ограничување колку јаглерод диоксид може да се емитува, прашува Смилевска од „Еко свест“.

„Дали во студијата за модернизација се пресметани и транспортот на јагленот, колку вработени ќе има „Осломеј“ после модернизацијата и како ќе влијае на регионот. Тие дополнителни надворешни трошоци, колку што видовме, не се влезени во пресметките за модернизација“, заклучува таа.

Но, не се вклучени ниту трошоците за здравствена заштита и директна материјална штета од изгубената продуктивност, која општеството ја трпи од високите емисии на гасови и цврсти честички од електраните на постоечкиот лигнит, за кои порано пишуваше Трпевски.

Студијата на која тој се повикува „Колку чини животот?“, изработена токму од „Еко свест“, вели дека материјалната загуба на годишно ниво во РМ е помеѓу 20,5 и 22,25 милиони евра. Или екстерниот трошок само за здравствена заштита и намалена продуктивност изнесува помеѓу 5,85 и 6,35 евра за мегават час произведена енергија од досегашниот лигнит.

Овој тип на гориво се користи поради големите расположливи резерви и релативно евтината експлоатација. Употребата на лигнитот започнува во 70-тите со изградба на првиот блок во РЕК Битола и отворање на површинскиот коп Суводол. Потоа, влегува во погон ТЕ Осломеј и блоковите 2 и 3  во РЕК Битола. Но, Македонија нема посериозни наоѓалишта на квалитетен јаглен со висока енергетска вредност.

„Ако немате локален јаглен, а инсистирате на јаглен, треба да го увезете. За да го увезете, тоа значи дека треба од некаде да го ископате, да го донесете од каде и да е, што значи дека треба да натоварите големо количество на пепел“, појаснува Смилевска.

„Го земате јагленот, го товарите на брод до Солунското пристаниште и веќе имате емисии до бродот. Сега зборуваме само за транспортните емисии, кои не се кај нас, но влегуваат во глобалните емисии кои влијаат на климатските промени. Потоа, имате емисии за камионите што ќе го транспортираат, за потребите на таква електрана. Тоа значи дека практично на секои 15 минути ќе треба да тргнува нов камион. Колку камиони во денот се тоа?“, прашува таа.

професор Трајче Стафилов

Професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија при Природно машинскиот факултет појаснува дека согорувањето на јаглени, за која било цел, може да доведе до загадување на животната средина.

„Затоа, во сите објекти каде што се согорува јаглен, нужно е да се постават заштитни мерки како што се системи за прочистување на отпадните гасови и посебен систем за депонирање на пепелта која се добива со согорување на јаглените“, советува тој.

Од Владата најавија дека до увозот на новиот јаглен, ќе се користат постоечките електростатки филтри за заштита од загадувањето, кои ја задржуваат прашината што се создава при процесот на согорување. Но, Стафилов, нагласува дека покрај ова, треба да се постават и системи за отстранување на сулфур диоксидот и азотните оксиди, односно нивна елиминација и намалување на концентрацијата.

„Термоелектраните ги задржуваат цврстите честички, на филтрите или котлите, и потоа тие се депонираат на одлагалиште за пепел. Се спречува нивна емисија во големи концентрации во атмосферата. Проблемот со термоелектраните е – што по депонирањето?“, прашува тој.

Се потсетува на истражувањето за работата на термоелектраната во Битола, кое покажало големо загадување со пепелта од централата, која имала зголемена радиоактивност.

РЕК Битола започна со покривање на пепелта со земја како едно од решенијата за намалување на загадувањето. Друго решение, вели Стафилов е гасификација.

Но, како проблем го споменува и неспроведувањето на проектот за десулфурализација со кое би се елиминирал сулфур диоксидот.

„Мерењата на концентрациите на сулфур диоксид, азотните оксиди и прашината во РЕК Битола, се мисли на отпадните гасови што стигаат во атмосферата, континуирано ги надминуваат дозволените граници“, апелира Стафилов.

Социјалниот аспект се злоупотребува во случајот „Осломеј“?

Вработувањето би можела да биде клучна причина за дел од кичевчани да се спротивставуваат на затворање на централата. Социјалниот аспект со години наназад го „оправдува“ работењето на централата. Но, според поранешниот директор на ТЕ Осломеј Илчо Трајаноски, реалноста е поинаква.

„Со носењето на јагленот, рудникот отпаѓа, што значи дека поголемиот дел од вработените нема да бидат ангажирани. Рудникот има многу повеќе вработени, затоа што тие работат во смени, со различни системи, додека термоелектраните се автоматизирани и персоналот е многу помал“, вели тој.

Најтешкиот дел се чини е да се убеди локалното население да се насочи кон стопанството. Кичевчани сè уште не се расположени да започнат нов бизнис, бидејќи не се чувствуваат сигурни, е заклучокот кој го добиле од „Еко свест“ при средбите со нив. Според Смилевска, младите се тие кои се свесни за придобивките од развојот на различните форми на туризам.

„Самите кичевчани ќе ви кажат дека Осломеј го движи регионот, но доколку пред 10-15 години се размислувало за алтернативи несомнено ќе се дошло и до други можности“, вели таа.

Какво е сценариото на Македонија во однос на европската визија?

ЕЛЕМ започна со спроведување на инвестициски план кој подразбира реупотреба на земјиштето од рудникот за јаглен кој е испразнет. Од речиси 200 хектари површина ќе се искористи сосема мал дел за 10 мегаватна соларна електрична централа. Смилевска не гледа пречка да се искористи целиот простор.

Најголемиот дел од домашното производство на енергија се уште им припаѓа на термоелектраните; Извор: ЕЛЕМ

Македонија има мало, речиси незначително искористување на обновливи извори на енергија, особено на сончевата и ветерната енергија.

„Со документите што ги имаме во моментов, нема добро сценарио со кое ние ќе бидеме усогласени со параметрите во однос на енергетиката со ЕУ“, оценува таа.

Поради ова, смета Смилевска, потребно е што поскоро да се започне со праведна транзиција, односно затворање на капацитетите каде што се ископува јагленот, но со претходно изнајдени алтернативи за населението.

„ Добро ќе беше да почневме од вчера…“, вели таа.

Револтирана е и што граѓанскиот сектор е исклучен од изработката на новата Стратегија за енергетика, чиј Нацрт како што рече, веќе неколку пати трпи промени.

„ Ако сакаме да го испочитуваме Парискиот договор, стратегијата за енергетика мора да биде усогласена со климатските промени, а не како што беше со претходната, каде што велиме дека климатските промени се опасност и дека сакаме да го намалиме нивното влијание, а отвораме нова термоелектрана со увозен јаглен. Тие две работи се апсолутно контрадикторни“, подвлече Смилевска.

Од Кабинетот на заменикот на Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, велат дека во моментов се обезбедува техничка помош од страна на меѓународни донори, со која ќе се ангажира институција која треба да ја изработи Стратегијата за развој на енергетиката.

„Во фазата на подготовка на Стратегијата еден од значајните елементи е и формирање на експертска работна група составена од домашни експерти како и преставници од релеванти институции и од граѓанскиот сектор, кои се инволвирани во енергетскиот сектор во државата, која ќе биде од голема подршка на Владата при донесувањето на овој значаен стратешки документ“, стои во одговорот.

Оттаму информираат дека Стратегија за енергетика, меѓудругото, треба да одговори на прашањата за потенцијалот на обновливите извори на енергија и мерките за поддршка на искористувањето на обновливите извори на енергија, мерките за намалување на користењето на фосилни горива за производство на енергија, како и условите и начините за обезбедување на заштита на животната средина и ублажување на климатските промени, но и мерки за реализација на заштитата, исполнувањето на обврските преземени со ратификувани меѓународни договори вклучително и обврските за усвојување на интегрирана стратегија за енергетика и климатски промени.

Емилија Петреска

(ПРОДОЛЖУВА…)