Европа се загревала двојно побрзо во последните три децении и забележа поголем пораст на температурите од кој било друг континент, предупреди Светската метеоролошка организација на Обединетите нации (СМО), пренесува Ал Џазира Балканс.
Просечните температури во европскиот регион се зголемени за 0.5 степени Целзиусови од 1991 година, се вели во извештајот на СМО и службата на ЕУ Коперник.
„Европа претставува жива слика за глобалното затоплување и нè потсетува дека дури и најподготвените општества не се безбедни од екстремни временски настани“, рече генералниот секретар на СМО, Петри Талас.
Во последните неколку години Европа забележа рекордни температури и стана „жариште“ за топлотни удари.
Алпските глечери изгубија 30 метри дебелина на мразот помеѓу 1997 и 2021 година, додека ледената покривка на Гренланд забрзано се топи и придонесува за брзиот пораст на нивото на морето.
„Оваа година, како и во 2021 година, големи делови на Европа беа погодени од големи топлотни бранови и суша, што ги поттикна шумските пожари“, посочи Талас.
Минатата година екстремните временски појави предизвикаа штета од 50 милијарди долари во Европа.
Во извештајот се предупредува дека температурите во Европа најверојатно ќе продолжат да растат.