Се проценува дека околу 20% од населението е постаро од 65 години и се предвидува дека до 2070 година, 30% од населението на Европската Унија ќе биде во таа возрасна група, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Европскиот парламент (ЕП) неделава на пленарна седница го усвои извештајот за стареењето на Европа во кое ја повика Европската комисија (ЕК) да започне пилот-проект за квалитетна заштита на старите лица и да ги поддржи земјите-членки во спроведувањето на политиките за заштита на старите лица.
Во извештајот „Стареење на стариот континент – можности и предизвици поврзани со политиката на стареење по 2020 година“, усвоен од ЕП со 479 гласа „за“, 103 „против“ и 113 воздржани, се вели дека вреднувањето на старите лица и борбата против дискриминацијата кон нив е можно само со политики кои се базираат на меѓугенерациска солидарност.
Европскиот парламент бара од ЕК да им пружи поддршка на земјите-членки и нивните региони во спроведувањето на здрави политики за стареење и да покрене пилот-проекти за развој на солидни системи за долгорочна заштита, по пристапни цени, достапни за сите.